Димитров: Членството во НАТО и преговорите со ЕУ историски исчекор за нас


Министерот за надворешни работи Никола Димитров  на он-лајн видео конференцијаta  насловена „Дипломатија во кризни времиња и други алатки за влијание во Југоисточна Европа во доба на КОВИД-19“, оцени дека пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и одлуката на Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори со земјава се историски заеднички успеси што се постигнаа во тешки моменти за сите земји.

– Овие два историски и долгоочекувани исчекори – членството во НАТО и одлуката за почеток на пристапни преговори со ЕУ претставуваа зраци на светлина и надеж за нас, за Регионот, во еден исклучително тежок период за целиот свет. Претставуваа и симбол за моќта на двете организации да носат стратешки важни и визионерски одлуки во кризни времиња. Покрај одредени перцепции, креирани пред сè од несоодветно информирање, овој Регион се движи непоколебливо кон ЕУ и скоро сите земји од Западен Балкан кон НАТО Алијансата. Благодарни сме за досегашната поддршка, која се надеваме ќе продолжи и во идното справување со последиците од овој заеднички непријател. Неопходно е координирано заедничко дејствување во духот на вистинска солидарност и отворена соработка меѓу земјите, како побргу би излегле од тунелот, истакна Димитров.

Меѓу панелистите беа разменети мислења за различните начини на соработка за надминување на пандемијата и последиците од истата, особено во научната и економската сфера, за мерките кои земјите од ЈИЕ ги преземаат, за помошта од страна на земјите членки на НАТО и ЕУ. Фокус беше ставен и на предизвиците поврзани со различните влијанија, меката моќ на глобалните сили, како и различните наративи и дезинформации поврзани со справување со пандемијата и помошта и меѓународната соработка.

Покрај министерот Димитров, на виртуелниот панел учествуваа и Александрос Диакопулос, советник за национална безбедност во кабинетот на премиерот на Грција, Метју Палмер, заменик помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Дејмон Вилсон, извршен потпретседател на Атлантскиот Совет и Катерина Соку, новинарка од дневниот весник Катимерини и дописник од Вашингтон.