Димитров: Бројот на текстилци е намален од три до пет отсто


Бројот на вработени во текстилната индустрија е намален од три до пет отсто, информира претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, кој состојбата во текстилната индустрија ја оценува како „несјајна“.

– Запознат сум од многу колеги дека немаат доволно работа, што може да значи дека странските партнери полека бараат нови пазари, односно нови коминтенти, каде ќе работат. Тоа се земјите од Далечниот Исток и мислат дека нашата земја со влезот во ЕУ, со порастот на платите и стандардот ќе стане неконкурентна за овие пазари, вели Димитров.

Со истиот став е и претседателката на текстилниот кластер, Мирјана Перковска, која смета дека заминувањето на дел од странските партнери е заради поскапата работна сила, немодернизацијата на производството, возраста на текстилните работници, којашто во просек е над 45 години, како и миграцијата.

Овие две организации, важни за текстилната индустрија како трудоинтензивна гранка, сметаат дека дел од проблемите можат да се решат доколку компаниите вложуваат во нови машини.

– Со вложување во современа опрема можат да ја зголемат продуктивноста, за да ја задржат конкурентноста на светските пазари и само така ќе можат подолго да опстојат. Од друга страна е недостигот на работници, демотивираноста на младите да се запишуваат во средните училишта. Тоа се проблеми што ќе бидат многу важни во идниот период за оваа држава, вели Димитров.

Оценката на текстилниот клaстер е дека оваа гранка оди во надолна линија. Текстилните конфекции и кожарските фабрики ангажираат 20 отсто од вработените во државата.