Димитров: Бизнис заедницата ќе биде партнер во градењето на преговарачките позиции со ЕУ

Воспоставувањето на соработка со Стопанската комора на Македонија и со бизнис заедницата е еден од столбовите на кои ќе почива успешноста на преговорите за членство во ЕУ, изјави денеска заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров на средба со раководството на Стопанската комора на Македонија, на која се разговараше за почетокот на пристапните преговори за членство на земјава во Унијата и неговите импликации врз бизнис секторот.

– Клучно е сите да разбереме дека најтешкиот дел од пристапните преговори всушност се случуваат дома, истакна Димитров, при што нагласи дека во периодот кој следи Владата, уште повеќе ќе ја интензивира комуникацијата со претставниците на бизнис заедницата, во сите форми и на сите можни начини, а дека неговата улога ќе биде насочена кон координација на сите активности од сите ресори кои се поврзани со нашата интеграција во Европската унија, се со цел успешни преговори за наше членство во ЕУ.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, раководството на Стопанската комора на Македонија за време на средбата се интересираше за начинот на кој ќе можат и тие да учествуваат во преговарачките структури при дефинирањето на нашите преговарачки позиции. Во оваа насока се конкретизираше и начинот на комуникација, координација и конкретна соработка во градењето на националните преговарачки позиции во преговорите, при тоа целосно респектирајќи ги законските рамки со кои се утврдуваат надлежностите на Владата и на Стопанската комора.

– Бизнис заедницата ќе ни биде наш партнер во градењето на преговарачките позиции за сите кластери, при што мојата цел е сите да бидете соодветно вклучени и сите да имате простор да го дадете својот придонес кон успешните преговори. Реултатот мора да биде заеднички. Интересот е взаемен, Владата не може да оди напред без бизнис заедницата и секако не може да презема чекори или да наметне динамика која нашите компании нема да можат да ја следат, потенцираше Димитров на средбата.