Димитров бара извинување од „Република“ инаку прв пат ќе тужи


Барам веднаш „Република” да ја повлече ноторната лага дека сум вмешан во случајот „Рекет” и да ми се извини за одвратната инсинуација во текстот чиј сам наслов нема врска со наводите внатре, реагира министерот за надворешни работи Никола Димитров на својата фејсбук страница. Во спротивно, како што вели, прв пат во животот ќе тужи.

„Нема да дозволам пропагандата да ме валка во случај со кој јас немам апсолутно никаква врска. Мене сосема ми е јасно дека мојот последен статус разбуди многу духови кои очигледно единствено се плашат од луѓе без дамка криминал во своите кариери и поважно – луѓе подготвени до последно да се борат за правда. Очекувам и пропаганда и нечесна битка и мојот одговор секогаш ќе биде достоинствен, но истовремено и безмилосен кон криминалците и оние кои нив ги штитат преку дефокус и лаги“, вели Димитров.

Влегов, додава тој, во политиката за да го тргнеме срамот од очигледниот криминал и корупција и нема никогаш да престанам во борбата со ова црнило. „Овие обиди, напротив, само укажуваат дека сум на правиот пат. Продолжете ноќта да ја нарекувате ден, нема да ви помогне. Реков – да се преброиме. Време е“, се наведува во реакцијата на Димитров.