Димитров: Ако патувате, нема гаранција дека ќе се вратите


Нема никаква гаранција дека македонските граѓани што денес ќе патуваат каде било во странство ќе можат според нивниот план да се вратат дома. Премногу е непредвидливо, порача денес шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Според него, МНР е во постојан контакт со нашите граѓани, кои на различни начини се обидуваат од други земји да стигнат во Македонија, а приоритет се тие кои немаат престој во трети држави и кои биле таму заради некаква причина и сакаат да се вратат дома.Во врска со граѓаните кои биле затекнати на граничниот премин Хоргош на границата меѓу Унгарија и Србија, Димитров рече дека претходниот ден имало голема група во една тешка ситуација таму.Во телефонска комуникација со граѓаните изработиле листа и, како што рече министерот, се обиделе да добијат согласност од српските власти да ја поминат Србија и да се вратат дома.

-Не беше возможно тоа во тој момент и алтернативно најдовме решение добивајќи согласност од Романија и од Бугарија овие луѓе да дојдат на тој начин.

Тој нагласи дека сите информации што ги добива дежурниот тим на МНР се од граѓани коишто се соочуваат со таква ситуација.

-Значи, немаме прецизна бројка, повеќе се темели на впечаток и на вакви непотврдени информации. Не беше организиран конвој во смисла на полициска придружба во Романија. Имаше неколку комбиња, имаше многу автомобили, меѓутоа не беа организирани во колона со придружба. Значи, патувањето се одвивало индивидуално, така што тешко е да се претпостави  точно каква е бројката. Ние точната бројка можеме да ја добиеме врз основа на извештаите на граничната полиција на преминот Деве Баир, рече Димитров.

Во врска со граѓаните кои авионски треба да се вратат во земјата, Димитров рече дека до МНР стигнала информација не само за оние од Барселона, туку и за граѓани на земјава, кои треба да слетаат од Копенхаген.

-Дел од луѓето успеаја да се качат на авион за Солун и помагаме превоз од грчката граница за враќање дома. Успеавме вчера за една група од 50-ина луѓе од хрватско-српската граница да добиеме влез од Србија и тие луѓе се движат, можеби и веќе се стигнати во татковината. Со големо внимание бараме начин како да помогнеме на луѓето што се по аеродроми. Имаме актуелен проблем и со Малта, рече Димитров.

Според него се внимава сето ова да не биде на штета на здравјето на македонскиот народ и сите граѓани во земјава, бидејќи тоа е исто така државен интерес. Додаде дека властите во земјава имаат контрола врз нашите граници и стапуваат во комуникација со други држави барајќи премин.

-Во моментов Словенија, Хрватска, Австрија се многу проблематични во оваа смисла, бидејќи Србија има ригиден граничен премин за несрпски државјани. И затоа се она што сме го земале здраво за готово, што било многу нормално во смила на – се оди на граница, се покажува патна исправа, се поминува итн., имаме едно целосно нова ситуација предизвикана од  коронавирусот. Дневно се менуваат гранични режими, се затвораат за странски државјани, се откажуваат летови, се затвораат аеродроми. Цела Европа има предизвик на репатријација, не само ние, рече тој.

Додаде дека во фокусот е и непречено обезбедување на краго транспортот.

-Значи, камиони, професионални возачи и тоа е многу важно – мора да продолжат да циркулираат тоа и со тоа постојано се бавиме, рече министерот и повторно апелираше да се патува само во исклучително неодложни ситуации.