Димитриевски пак го нападна СДСМ, тие му одговорија дека одработува за ВМРО-ДПМНЕ


 

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, го искористи денешниот пикник за 1 Мај во пелинце повторно да ја напдне својата поранешна партија, СДСМ, обвинувајќи дека тие се виновници што биле отворени бугарските клубови во Македонија и дека биле премногу арогантни.

„Истите тие коишто дозволија да се отвараат бугарски клубови кои го содржат името Ванчо Михајлов во текот на нивниот мандат и ја згазија не само социјалдемократијата, туку и илинденските и асномските левичарски вредности и принципи, нѐ обвинија дека сме човек партија.

Нивната ароганција е ненадминлива. Ова раководство на СДСМ, со овој арогантен пристап ја доведе партијата до историски најслабиот резултат. Не само што го навредија ЗНАМ, лично мене, навредија и уште 84 илјади граѓани кои го дадоа својот глас за ЗНАМ“.

Од СДСМ му одговорија дека ароганција била кога „човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес.

За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска-Давкова. Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ“, реагираа од СДСМ.