Митрески праша зошто 44 милиони евра не се префрлени во вториот пензиски столб. Димитриеска Кочоска: Прашањето не е за мене
Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на денешната седница постави пратеничко прашање до министерот за финансии, Гордана Кочоска во однос на наодите од ревизорскиот извештај за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Митрески укажа на констатирано доцнење во префрлањето на средствата кон вториот пензиски столб, и покрај тоа што, како што наведе, придонесите навремено се пресметуваат и доставуваат од Фондот до трезорот.
Митрески посочи дека станува збор за околу 2,6 милијарди денари кои биле задржани во системот подолг временски период, што директно влијае врз средствата на околу 600.000 граѓани. Во таа насока, тој побара објаснување дали ќе се исплаќа соодветен надомест за доцнењето согласно законските одредби.
„Долгот од 2,6 милијарди денари или 44 милиони евра е затоа што од Трезорот парите стоеле два месеци и не се префрлале на вториот столб. Фактички, парите на граѓаните два месеци се чуваат во Трезор. Не навлегувам во дебатата дали има пари во буџетот или нема пари, еве 44 милиони евра пари на граѓаните да стојат два месеци во Трезор, да не се префрлат, со сите пресметки и налози однесени од Фондот за пензиско, мислам дека таа проблематика е јасна“, образложи Митрески додавајќи дека ако не се уплатат веднаш или во рок од пет дена, во законот пишува дека треба за тие луѓе да се плати надомест, фактички да се плати плус од тоа што требало да се плати, во вид на камата во смисла на доцнење на уплатата.
Во одговор на пратеничкото прашање, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска рече дека прашањето за исплатата на средства во вториот пензински фонд треба да биде упатено до директорот на ПИОМ, а не до Министерството за финансии.
„Трезорот има улога на шалтерски работник во банка, ако има пари институцијата и ликвидност тоа значи дека може да се изврши плаќањето. Ако нема пари и ликвидност тоа значи дека плаќањето не може да се изврши. И тоа нормално треба да се гледа до крајот на годината какви ќе бидат состојбите. Генерално, за периодот за кој што прашувате, хипотетички кажувам сега, имаме сто единици коишто сме ги планирале да ги оствари пензискиот фонд и велиме уште 50 единици ќе дополниме од буџетот, меѓутоа тие 100 единици во некој момент се 98 и две остануваат неостварени, притоа одговорното лице во Фондот треба да одлучи како ќе ги менаџира парите. Ако одговорното лице во Фондот пушти во исто време налози за плаќање кон одреден правен субјект, ама во исто време пушти и други налози, ние се јавуваме и прашуваме што му е приоритет. Еве за конкретниот период за којшто прашувате приоритет бил Фондот за здравство, така што апсолутно мислам дека ова прашање не треба да ми го поставувате на мене туку директно на директорот на ПИОМ – рече Димитриеска Кочоска. Ова прашање, додаде таа, не е за мене.
Димитриеска Кочоска од собраниската говорница истакан дека како резултат на сите овие дискусии од оваа година почнале на секое плаќање што го пушта пензискиот фонд да доставуваат барање да кажат што им е приоритет, затоа што во ист момент буџетот не се полни. Секој месец има различна реализација, објаснува таа, и согласно на тоа треба да се подготвуваат и налозите. – Но, како се подготвувани согласно состојбите и ликвидноста на сметка така се пуштаат, рече министерката.
За оваа година вториот столб е испланиран комплетно односно онолку колку што треба да биде исплатено.
„Се согласувам со вас дека приоритет треба да биде ова и ако ја погледнете оваа година, вториот столб е испланиран комплетно, колку што треба да биде исплатено за годината. И јас се надевам дека повторно пензискиот фонд нема да има проблем во делот на наплатата и дека ќе може да ги сервисира обврските. Придонесите за пензиски фонд и придонесите од плати ги прибира УЈП, меѓутоа трудовата инспекција не е под Министерство за финансии и мислам дека има друго надлежно министерство кое треба да се занимава со тоа како оди наплатата на овие придонеси“, – рече Димитриеска Кочоска.