Димитриеска Кочоска: Откажувањето на еврообврзницата праќа сигнал дека државата е нестабилна


Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, смета дека со откажувањето на еврообврзницата со урива угледот на земјата и се испраќа сигнал дека државата е нестабилна. 

„Откажана е еврообврзницата на износ од 600 милиони евра со причина која е неразбирлива за финансискиот свет. Во исто време Владата на СДСМ и ДУИ им покажува на инвеститорите колку се несериозни и на тој начин Македонија го зголемува својот репутациски ризик за сега и за во иднина“, истакна Димитриеска Кочоска на прес конференција.

Според неа целата ситуација може да се гледа од две страни. Првата, зошто министерот за правда не ги потпишал документите поради кои се откажа еврообврзницата и дали тој има некакви информации дека парите ќе бидат злоупотребени или пак причината е лична одмазда заради неговата промена? Од друга страна зошто владата дозволи да се издаде еврообврзница во период кога се спремале промени на министри. 

Димитриеска Кочоска смета дека следното издавање на еврообврзница е многу ризично како од аспект на тоа дали ќе има интерес после ваквото промашување и доколку го има која ќе биде цената која ќе ја платиме, а секако ќе биде повисока отколку денес.

„И она што е клучно, кој е одговорен за сето ова? Издавањето на еврообврзница е премногу скапа работа за Македонија. Ангажирани беа четири меѓународни финансиски институции кои наплаќаат високи провизии. Провизиите ќе бидат наплатени иако постапката не е завршена до крај. За повторување на истата постапка повторно ќе се плаќаат огромни провизии. Дали е тоа целта? Немаме за лекови ама ќе покриваме трошоци заради неодговорни и незрели политички одлуки“, рече Димитриеска Кочоска.