Димитриеска-Кочоска: Новата влада е без мерки за годинава, ќе недостигаат 200 милиони евра
Очекував во предлог програмата на новата влада да има нешто повеќе на темата економија за до крајот на годината, рече на прес конференција Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.
Одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира програмата која до Собранието ја достави мандарот за премиер Зоран Заев, Димитриеска Кочоска рече дека кусо е времето за подетални анализи, но она што паѓа во очи е дека се што е ставено во програмата на новата влада се однесува на некој иден период, 2022 – 2023 година..
„Многу е несериозно од една влада која што треба да продолжи да функционира, бидејќи е практично истата. Тие многу добро знаат каква е во моментов ситуацијата во економијата и знаат дека нема да има брзо закрепнување“, рече таа.
Димитриеска Кочоска нагласи дека врз основа на анализите на реализацијата на Буџетот заклучно со јули месец намалувањето на приходите е 8 проценти во однос на минатата година, а не како што беше предвидено во ребалансот на Буџетот 3,4 проценти намалување на буџетските приходи во однос на минатата година.
„Тоа значи дека од месец август до месец декември државата треба да направи вкупни приходи од 91 милијарда денари, а за споредба минатата година за истиот период сме имале 90 милијарди денари. Зачи не само што треба да бидеме на исто ниво како минатата година туку треба да оствариме уште една милијарда повеќе“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа додаде дека според нивните сознанија и во месец август приходите паѓаат што значи дека овие 91 милијарда приходи се нереални и нема да се остварат.
„Проекциите покажуваат дека помеѓу 150 до 200 милиони евра годинава ќе имаме помалку остварени приходи во однос на она што беше планирано со ребалансот. Мене ме интерересира да видам каков план има Владата во однос на ова прашање, а не што ќе се случува во 2022-23 година. Имаме компании кои што треба да го пребродат периодов, прашањето е како тие ќе преживеат сега. За 2022 ќе разговараме понатаму. Прво да одговорат што планираат до крајот на годинава по однос на приходите, по однос на мерките за стопанството. Гледаме секој ден што се случува, гледаме како расте бројот на невработени лица, значи тоа е резултат на проблемите со одредени компании како резултат на здравствената криза“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа исто така рече дека одговорот на кризата бил несоодветен бидејќи се надминувала со непродуктивни трошења.
„Зошто го велам ова – повторно со јули кога ќе ги видите капиталните расходи, тие во однос на минатата година се поголеми за околу 15 милиони евра, но буџетскиот дефицит е 520 милиони евра. Како размислуваат да ја надминат кризата со непродуктивни трошења и капитални расходи кои се влечкаат како желка“. рече Димитриеска Кочоска.
Во однос на потребата од нов ребаланс на Буџетот, Димитриеска Кочоска рече дека тоа е неопходно и дека верува новиот министер ќе направи нов ребаланс.
„Гледаме дека ќе недостигаат 150-200 милиони евра и тој мора соодветно на тоа да ги подеси трошоците. Не може да троши повеќе од тоа што е планирано“, рече таа додавајќи дека ако се погледне Буџетот ќе се види дека непродуктивните трошења не биле скратени туку се реализирале со динамика како да има иста реализација на приходите, а приходите всушност заостануваа.
„Сега не знам каде би скратиле за да можат да остават за пакет мерки за стопанството“, рече Димитриеска Кочоска. „Да не заборавиме уште една работа – ако се погледне ребалансот ќе видите дека на крајот на годината беа планирани да останат депозити околу 320 милиони евра. Но, беше предвидена еврообврзница од 800 милиони евра, како што првично потпишавме заедно со министерката за финансии. За жал, на крај земаа 100 милиони евра помалку што значи дека депозитите се предвидени на ниво од 220 милиони евра, а не 320 милиони и ако велам дека помеѓу 150-200 милиони евра ќе имаме намалени приходи, ситуацијата е алармантна. Тука не се предвидени нови мерки за стопанството. И ако не се направи ребаланс нема да може ни ова да го исфинансираат“, додаде таа.
Димитриеска Кочоска не верува дека државата до крајот на годинава ќе може да издаде нова еврообврзница.
„Ќе мора да посегнат по некое дополнително финансирање затоа што нема да можат да издржат, но не верувам дека ќе успеат со еврообврзница до крајот на годинава. Ние сме мала земја, отворена економија, нестабилна и до крајот на годината уште една еврообврзница мислам дека е крупен залак за државата и нема да се оствари“, вели таа.
Според неа дополнително загрижува што дел од компаниите ќе почнат да го префрлаат својот товар на државата.
„Имаме сознанија дека дел од државните фирми кои што не можат да ги исплатат своите кредити веќе бараат од Министерството за финансии тоа да ги сервисира. Тие не се планирани како трошоци во Буџетот, но тоа дополнително ќе ја оптовари целата ситуација“, рече Димитриеска Кочоска.
Инаку, на прес конференцијата беа повторени познатите ставиви во врска со пропаѓањето на Еуростандард банка – власта беше обвинета за молк и за „очигледна намера да се сокрие аферата Еуростандард банка тешка 200 милиони евра“.
„Нашите сомнежи говорат дека кредити без покритие биле делени на компании уште пред 3 години. Тие кредити биле давани на компании кои биле основачи на други компании и тоа без прецизни и издржани планови за отплата. Кредитите биле наменети за изградба на згради и станови. Тие кредити се давани и на повеќе струмички компании блиски до власта, без соодветни хипотеки. Кога е направена ревизија и активирани хипотеките тие компании свесно се однесени во стечај што создава голема криза кај банката“, рече Димитриеска Кочоска. (М.Ј.)