Димитриеска-Кочоска најави нова граѓанска обврзница до крајот на годината
Финансирањето на потребите на буџетот до крајот на тековната година главно ќе се реализира на домашниот пазар преку државни хартии од вредност и рефинансирање на доспеаните обврски, а во план е и ново издавање на граѓанска обврзница, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во вечерашното гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија, Димитриеска-Кочоска појасни дека капиталните расходи кај одредени проекти се намалени преку КАПЕФ-механизмот поради забавена динамика во реализацијата или неуспешни тендерски постапки, нагласувајќи дека не станува збор за целосно прекинување на проектите, туку за пренамена на средства што објективно не можат да се реализираат до крајот на годината.
Како пример го посочи тендерот во Управата за извршување санкции вреден над 200 милиони денари, како и проекти во Министерството за животна средина и просторно планирање, подвлекувајќи дека започнатите проекти со потпишани договори непречено течат.
– Не станува збор за тоа дека некои проекти скроз сме ги прекинале, туку можеби од одредени институции, таму каде што, на пример, не се готови тендерите или на пример во Управата за извршување санкции имаме тендер којшто беше неуспешен, а имаше прилично средства – повеќе од 200 милиони денари предвидени за таа намена. Повеќе од очигледно е дека до крајот на годината не можат да се реализираат, бидејќи допрва ќе треба да се повтори тендерот – истакна Димитриеска-Кочоска.
Во однос на глобалните економски притисоци, буџетскиот дефицит и цените на енергенсите, министерката укажа на високата неизвесност на меѓународните пазари и зголемениот глобален јавен долг, оценувајќи дека владините мерки за даноците и акцизите дале резултати во спречувањето на ценовните шокови. Граѓаните, вели, треба да бидат свесни за состојбите во светот и да штедат.
– Не можеме да зборуваме за простор во буџетот и огромни бафери за да можеме да се справиме не знам како, но секогаш, носиме одлуки врз база на тоа како нашите одлуки денес ќе влијаат во иднина … Ние не дозволивме ценовниот шок да се прелее во другите сектори, заради тоа ние денес имаме една од најниските инфлации – рече Димитриеска-Кочоска.
Прашана за планираното задолжување преку еврообврзница за следната година и дилемите дали издавањето требало да се направи до крајот на тековната година, Димитриеска-Кочоска појасни дека крајот на годината создава поголем притисок и побарувачка за пари на меѓународните пазари, поради што се разгледуваат повеќе опции, вклучително и поделба на задолжувањето на две емисии.
– Факт е дека мора да издадеме еден дел обврзница за да може да ја сервисираме обврзницата којашто беше издадена во 2023 година и којашто беше со каматна стапка повисока од 6 отсто – нагласи министерката.
Зборувајќи за подготовката на новиот буџет, Димитриеска-Кочоска посочи дека параметрите се во согласност со фискалната стратегија, најавувајќи координативни состаноци со владините ресори, при што здравствениот сектор и Фондот за здравствено осигурување ќе бидат меѓу главните приоритети.
Во однос на плановите за домашниот финансиски пазар, пак, министерката најави издавање нова граѓанска обврзница до крајот на годината.
На прашањето дали финансирањето до крајот на годината целосно ќе се затвори на домашниот пазар, Димитриеска-Кочоска одговори потврдно и нагласи дека дефицитот генерално се затвора и преостанува рефинансирање на доспеаните домашни хартии од вредност и кредити.