Димитриеска-Кочоска гледа шанса во царините од САД

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска изјави дека американските царини од десет отсто може да бидат шанса за нашата земја за директен извоз во САД.
Таа најави дека за време на Пролетните средби на ММФ и Светска банка што ќе се одржат од 21 до 26 април годинава во Вашингтон, очекува да има средба и во американското министерство за финансии каде што ќе разговара за царините од САД кон Македонија.
„Очекувам да имаме средби и во Министерството за финансии на САД, каде што ќе се потрудиме да поразговораме и да видиме што може да направиме како директна промена“, изјави Димитриеска-Кочоска одговарајќи на прашања на новинарите за време на одбележувањето на Денот на Царинската управа.
Таа додаде дека неколку пати нагласила дека од директната размена со САД, нашата земја нема голем негативен ефект или некоја негативна импликација.
„Кај нас проблемите се јавуваат како резултат на размената која што ја имаме со ЕУ, а ЕУ со САД. Во тој дел треба да следиме што ќе се случува во ЕУ“, рече таа.
Министерката додаде дека и на Економскиот форум Делфи во Грција, каде што беше еден од учесниците и панелистите меѓу повеќе од 400 учесници, речиси да немало панел на кој што не се дискутирало за случувањата во САД.
Таа сепак, е оптимист и мисли дека и таму работите ќе се променат.
„Гледате дека дојде до намалување на царинските тарифи, десет проценти царинска тарифа е нешто што може да го прифатат и граѓаните на САД, но и во синџирот на поврзаноста секој по малку да преземе од тој трошок“, рече таа.
Според неа, оваа состојба сега е комплетно поразлична и очекува дека ќе има надминување на овие десет проценти.
„Може ќе стигнеме ние да искористиме како држава, затоа што ова го гледам како шанса за нас бидејќи и премиерот има многу добра комуникација со високи лица во Вашингтон. Очекувам дека ќе искористиме во наша полза, а зошто да не, и директно да извезуваме во САД“, рече Димитриеска Кочоска.