Димитриевски: Нема договор за коалиција до овој момент


 

ЗНАМ сè уште нема договорено коалиција со поголемите партии во однос на гласовите за претстојните претседателски избори, изјави претседателот на партијата Максим Димитриевски, повикувајќи на масовна излезност на изборите на 8 мај.

Тој го повтори ставот од предизборниот период, дека за гласовите добиени на негово име нема морално, ниту етичко право да бара да се гласа за некој од кандидатите.

„Имаше куртоазни честитки на тие кои добија најголема поддршка, од моја страна и на професорката Давкова, па и на господинот Мицкоски. Нема договорено во овој момент ниту една коалиција. Како ќе одлучи партиското раководство на партијата, така и ќе постапиме“, рече Димитриевски.

Барајќи ја поддршката од граѓаните за кандидатската листа на ЗНАМ посочи дека тој ќе даде поддршка и за претседателските избори.

„Но притоа секако во одреден момент ќе го искажам својот став како што претходно кажав дека ќе излезам на избори и масовно повикувам да се излезе на избори и ќе го кажам својот став како јас лично како граѓанин, Максим Димитриевски ќе гласам на претстојните претседателски избори. А за парламентарните се подразбира не само што ќе гласам за ЗНАМ, туку барам и граѓанската поддршка да се даде на ЗНАМ“, изјави Димитриевски од Струга.

Димитриевски барајќи ја поддршката за листата на пратеници во Изборната единица 5 на ЗНАМ предводена од Весна Бендевска, најави продолжување на патот во евроинтегративниот процес, изнаоѓање на соодветни решенија со редефинирање на преговарачката рамка, надминување на проблемите со Бугарија и целосна интеграција на Македонија во ЕУ, но притоа заштита на националните македонски интереси, сопствен идентитет, јазик, самобитност, континуитет…

Тој во Струга оствари средби со граѓани во струшката чаршија, по кејот на реката Црн Дрим, како и со пензионери и други граѓани низ градските плажи од каде посочи дека приоритет на неговата партија е изработка на национална декларација, за дефинирање, како што подвлече, после 33 години на националните интереси на Македонците, но и директно работење на реален соживот.

Димитриевски и Бендевска претходно имаа средби со граѓани во Крушево и Кичево, а средбите вечерва ќе продолжат и во Охрид.