Димитар Ковачевски се сретна со холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп
Претседателот на СДСМ и мандатар за составот на новата влада, Димитар Ковачевски, заедно со секретарот за меѓународна соработка на партијата, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп.
На средбата, како што соопштија од СДСМ, се разговарало за повеќе теми, при што фокус беше ставен на реформите и евроинтегративниот процес на Македонија.
Ковачевски се заблагодарил за поддршката што Холандија ја дава во важните реформски процеси и за нејзините напори за забрзување на интеграцијата на Македонија во ЕУ.
„Од Холандија како и од останатите членки на ЕУ и наши партнери очекуваме силна и видлива поддршка за реформите во нашата држава. Во таа насока очекувам отворен пристап и постојан дијалог, што значи укажување од ваша страна во процесот на спроведување на реформите и ваши препораки.
Важна ни е вашата поддршка околу процесот за почеток на преговори со ЕУ и одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро, само на тој начин во државата ќе се врати довербата во ЕУ која во овој период е разнишана. Нашата стратешка цел е членство во ЕУ и за тоа нема алтернатива“ порачал Ковачевски.
Амбасадорот Јан Коп рекол дека Холандија и во иднина ќе продолжи да биде силен поддржувач на Македонија, ќе продолжи да биде вклучена во процесот на реформи и евроинтегративниот процес, со цел државата што поскоро започне преговори со ЕУ.