Димитар Ковачевски ќе се кандидира за лидер на СДСМ


 Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека ќе се кандидира за лидер на партијата, откако СДСМ вчера ја утврди оставката на претседателот на партијата Зоран Заев и распиша внатрепартиски избори по пат на непосредно гласање.

– Во рокот од седум дена, ќе подготвам програма и ќе поднесам кандидатура за претседател. СДСМ е партија со најголем кадровски потенцијал и има поголем број истакнати членови кои би биле одлични кандидати. Постапката е демократска и секој што ги исполнува условите може да се кандидира. Она што е најважно, сите треба да се обединиме околу избраниот претседател, изјави Ковачевски „Фокус“.

СДСМ на 12 декември ќе избира нов лидер што треба да го наследи Зоран Заев кој поднесе оставка. Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска по седницата на Централниот одбор, синоќа изјави дека постапката за избор на нов претседател почнува денеска и ќе трае седум дена.

Централниот одбор, како што рече, констатираше дека со поднесената оставка на Заев во партијата потребно е да започне процес за внатрепартиски избори. Кандидирањето започнува утре и ќе трае една недела, а право да се пријават имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите предвидени со статутот на партијата. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат на онлајн алатката.

Порталот Фактор , повикувајќи се на свои извори, оценува дека Ковачевски  има огромна поддршка од карпошовото крило на СДСМ. Според оваа оценка, на 12.декември, за кога се закажани внатрепартиските избори, Ковачевски ќе биде безрезервно поддржан од Радмила Шекеринска, актуелната министерка за одбрана, од Душко Вескоски, кој беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Карпош, од екс-градоначалникот Стефан Богоевски. Ковачевски ќе има силна поддршка и од Пеце Мирчевски- директорот на Заеднички служби, како и Виктор Исјановски-директор на Здравствен дом Скопје, а изворите на Фактор велат дека на страната на Ковачевски се и Леонид Наков и Игор Ивановски-Шема, луѓето кои во редовите на СДСМ важат за големи приврзаници на Бранко Црвенковски.

-Ќе има големи и позитивни промени во партијата, што секако ќе биде во насока за доброто на државата. Ова се прогресивни сили кои на 12.декември сета поддршка ќе му ја дадат на Димитар Ковачевски, кој долги години е во СДСМ и е навистина етаблиран кадар во партијата, велат изворите на Фактор.