Димитар Богов за „Независен“: Стабилноста на денарот не е загрозена
Не е првпат Народната банка да се соочува со пласирани шпекулации за стабилноста на курсот, но таа има целосна контрола на ситуацијата, вели ексгувернерот
„Според економските индикатори, стабилноста на денарот воопшто не е загрозена и тоа веројатно им е јасно на поголемиот број граѓани и бизниси“, вели за „Независен“ поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија Димитар Богов. Тој во изминатата една година и седум месеци ја извршува функцијата регионален водечки економист за Источна Европа и Кавказ, со седиште во Киев, Украина.
Деновиве на социјалните мрежи се појавија шпекулации од поединци во врска со курсот на денарот, што испровоцира реакција на неколку поранешни гувернери на централната банка кои оценија дека таквите гласишта се целосно без основа и нагласија дека Народната банка има ресурси да ја одржи ценовната и стабилноста на националната валута, што е всушност и нејзината основна функција.
„Не е првпат Народната банка да се соочува со пласирани шпекулации за стабилноста на курсот, но таа има целосна контрола на ситуацијата и сигурен сум дека многу брзо ќе се уверат во тоа и оние малку граѓани и бизниси кои сѐуште подлегнуваат на вакви шпекулации“, вели Богов.
Тој додава дека иако во услови на економски и политички шокови секогаш се јавува одредена вознемиреност, за жал станува правило некои да ја злоупотребуваат ситуацијата за злонамерно ширење шпекулации.
„Така беше во април 2016 година, кога во услови на политичка криза оркестрирано се пласираа и ширеа лажни вести за стабилноста на денарот. Како последица на таквото неодговорно однесување граѓаните и бизнисите трпат економски штети. Истовремено некои можат да пласираат шпекулации за да остварат економска корист“, нагласува Богов.
За потсетување, во екот на политичкаата криза од 2016 година, во периодот од 19 април до 23 мај 2016 година, НБМ интервенираше на девизниот пазар со продажба од 129 милиони евра, со што го затвори јазот помеѓу побарувачката и понудата на девизи и ја одржа стабилноста на девизниот курс. Но, од јули истата година во наредните неколку месеци НБМ откупи 105 милиони евра на девизниот пазар и со тоа надомести 80 отсто од продажбите во периодот април- мај, а многу од граѓаните кои купуваа девизи потоа ги продаваа.
Вчера на оваа тема се осврна и професорот Љубе Трпески, кој беше на чело на НБМ од 1997 до 2004 година, при што се осврна на две ситуации, едната за време на косовската бегалска криза, а втората за време на воениот конфликт во 2001 година кај нас, кога НБМ исто така успешно се справи со предизвиците.
„Ова го кажувам за да ги уверам сите оние кои се сомневаат во сигурноста на нивните заштеди во банките, дека денес банките се во далеку подобра положба во споредба со опишаните години, дека тие се високо ликвидни институции, дека девизните резерви на Народната банка се на такво ниво што со нив се обезбедува не само сигурност на заштедите туку и стабилност на денарот“, истакна Трпески.
Очигледно, кризните ситуации создаваат плодна почва за вакви шпекулации и тоа за едно од ретките прашања кај нас за кое постои целосен консензус меѓу сите политички партии, а тоа е монетарната стабилност. На крајот, штетата ја плаќааат оние кои еднаш ќе ги сменат денарите за девизи кои ги купуваат по продажниот курс на банките и менувачниците, а потоа ги продаваат по куповниот курс на банките и менувачниците кој е понизок и губат на курсни разлики.
Од Народната банка постојано укажуваат дека ја гарантираат стабилноста на денарот и како што досега, во изминатите повеќе од дваесет години курсот се одржуваше на стабилно ниво, така и отсега ќе се одржува на стабилно ниво и дека високото ниво на девизните резерви и здравиот банкарски систем овозможуваат соодветно да се одговори на предизвиците од корона-кризата.
„Клучно е што во изминатиот период создадовме соодветен монетарен простор којшто сега ни овозможува на предизвиците од корона-кризата да одговориме со соодветни мерки, согласно со надлежностите на централната банка. Тој простор се темели пред сѐ на нивото на девизните резерви, коешто значително порасна во изминатиот период, како резултат на подобрувањето на економските фундаменти и на надворешната позиција на македонската економија, како и на здравиот банкарски систем со солидна ликвидност и адекватна капитална позиција, коишто се резултат и на засилената регулаторна и супервизорска рамка на централната банка“, истакна меѓу другото, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во обраќање на годинешниот Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ, Западен Балкан и Турција, што се одржа на 19 овој месец преку онлајн комуникација.
Од НБМ нагласуваат дека девизните резерви се клучната гаранција за стабилноста на девизниот курс на денарот. На крајот на април тие изнесуваа 3,16 милијарди евра, за 142,3 милиони евра повеќе од еден месец претходно. Сегашното ниво е двојно повисоко во однос на 2008 година, во екот на глобалната економска и финансиска криза кога стабилноста на денарот исто така не беше доведена во прашање.
Во изјава за МИА, Петар Гошев, кој ја водеше Народната банка до средината на мај 2011 година, вели дека стабилноста на денарот, односно на неговиот девизен курс, Народната банка на Македонија ја одржува од 1997 година – значи точно 23 години и дека надлежните во НБМ добро ја знаат важноста на ова прашање за макроекономската стабилност на земјата и за последиците по економијата од нејзиното евентуално нарушување.
Тој потсети и на извештаите на двете најугледни светски агенции за кредитен рејтинг – „Стандард и Пурс“ и „Фич“, кои во основа го задржаа досегашниот кредитен рејтинг на земјата.
„Да здогледаа некакви опасности за девизниот курс на денарот, тоа сигурно немаше да го сторат. Затоа треба да се слуша што вели Народната банка, а не разни шпекуланти, поединци кои се организираат и делуваат како политичко-бизнис мафии и нивните слуги кои за бедни синекури дистрибуираат информации со кои сакаат да предизвикаат паника“, оцени Гошев. (М.Ј.)