Дилемите на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски беше или не беше во Куманово на партиска трибина

Од партиска трибина изгледа како да нема ништо поважно. Особено пред избори, па и да се локални.
Вчера во 17,04 часот Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ испрати соопштение дека претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, „заради состојбата со пожарите, нема да присуствува на трибината во Куманово, која ќе се одржи во 19,30 часот.
Претседателот Мицкоски во тоа време ќе заседава со кризниот штаб за пожарите во Владата“.
Кризниот штаб за пожарите заседаваше во Владата, а во 19,40 часот министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски (со уште неколку министри наредени зад него) одржа прес-конференција.
Во 22,09 часот во средата 9 јули ВМРО-ДПМНЕ испрати демант кој е смешен сам по себе. Во првата реченица од демантот се вели:
„Во врска со написите во неколку интернет портали дека премиерот Мицкоски наводно бил на партиска трибина додека државата се соочува со пожари, категорично ги отфрламе ваквите неточни и тенденциозни тврдења“.
Значи Мицкоски не бил на партиска трибина во Куманово. Но, не е така. Моцкоски, всушност, бил на партиска трибина во Куманово, а тие што го напишаа тоа изнесувале тенденциозни лаги и невистини.
Бидејќи, како што вели ВМРО-ДПМНЕ, „вистината е следна“:
„Кризниот штаб заседаваше вечерта, како што беше најавено, под раководство на премиерот Христијан Мицкоски. Премиерот пристигна на трибината во Куманово со задоцнување, токму поради претходната обврска со Кризниот штаб. За одлуките на кризниот штаб информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски“.
Кој, навистина бил на партиската трибина на ВМРО-ДПМНЕ, во Куманово – реалниот Христијан Мицкоски или неговиот doppelgänger.
Сигурно дека бил реалниот, затоа што во Куманово тој не ги споменуваше пожарите туку соопшти „една добра вест за целата држава“ поврзана за енергетиката:
„Вчера на седница на влада се официјализираше меморандум за соработка со компанијата ‘Казанџи груп’, којашто е светски гигант во енергетиката и е заинтересирана за инвестиции од една милијарда. На ова му претходеа бројни средби со ‘Казанџи холдинг’“, рече Мицкоски.
Неколку пожари бесмислено се појавија на патот пред да се соопшти „добрата вест за целата држава“. А од партијата во соопштението што требаше да лични на демант, додадоа:
„Објавувањето на дезинформации во моменти кога државата се бори со сериозни природни непогоди е не само неетички, туку и штетно за моралот на луѓето што се борат на првата линија“.
И уште ВМРО-ДПМНЕ ги повика медиумите на „професионално и точно информирање“.
А медиумите ја повикуваат ВМРО-ДПМНЕ да каже која вистина е точна: онаа од првата реченица на соопштението дека се неточни тврдењата оти Мицкоски бил на партиска трибина во Куманово за време на дрматичниот ден со пожарите; или „добрата вест за цела држава“ што Мицкоски ја обави од плоштадот во Куманово. Настанот се пренесуваше во живо на Фејсбук, тој беше споделен и на официјалната страница на премиерот на социјалната мрежа.
Сепак, според упатствата на ВМРО-ДПМНЕ, целиот тој настан бил „неточно и тендециозно тврдење“. А можеби и пожарите се „неточно и тендециозно тврдење“.