ДИК и ЗЕЛС за последните подготовки пред изборите – да обезбедат пристап за гласање


Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски имаше средба со претседателот на Државна изборна комисија, Александар Даштевски и со членови на ова тело, информираат денеска од ЗЕЛС.

-На средбата иницирана на барање на ДИК, беше побарана соодветна техничка и логистичка поддршка од општините во процесот на спроведување на изборните активности. Општините се законски обврзани да обезбедат простор за спроведувањето на гласањето, но беше посочено дека во одредени изборни пунктови потребна е поддршка и во обезбедување на одредени технички помагала, како компјутери, печатачи и слично, се вели во соопштението од ЗЕЛС.

Од ДИК, на средбата што се одржа вчера, информирале дека веќе се утврдени сите локации, што во најголем дел се наоѓаат во простории на училиштата, училишни сали или градинките. При тоа било посочено дека воделе грижа тие да се наоѓаат во приземниот дел од објектите и воедно да имаат обезбеден пристап за лицата со посебни потреби.

-За непречено спроведување на изборите од технички аспект и овозможување на исполнување на правото на гласање, подеднакво за сите граѓани, општините беа замолени да ги проверат ваквите пристапи и доколку е возможно да го подобрат нивниот квалитет. Од посебно значење за ДИК претставува и обезбедувањето на соодветни простории каде еден ден пред изборите ќе се депонира потребниот изборен материјал. За сето тоа побараа општините да им излезат во пресрет на претставниците од ДИК и најавија дека до ЗЕЛС и до локалните самоуправи ќе испрати и информација со поконкретни барања и насоки, велат од ЗЕЛС. 

Претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски нагласил дека непречено спроведување на фер и демократски избори треба да биде императив на секој граѓанин и дека заедничка е обврската тие да се спроведат во најдобар ред. Тој се заблагодарил на поканата од ДИК за взаемна соработка за непречено спроведување на подготовките за спроведување на изборите и посочил дека ЗЕЛС ќе се погрижи општините да излезат во пресрет на барањата на ДИК и навремено ќе бидат информирани за потребните активности што треба да се обезбедат од просторен, технички или организационен карактер.