ДИК: Граѓаните да излезат на избори , исполнети се сите услови за безбедно гласање

Фото: Б. Грданоски

На вториот ден од предвремените парламентрани избори, денеска до 15 часот  гласале 7.170 лица. Не биле пронајдени во обид за гласање или не сакале да гласаат 273 лица. Во домовите за стари лица од 357 пријавени за гласање, гласале 231. Три лица не гласале. Во казнено-поправните установи до 15.30 часот од 1.657 запишани избирачи гласале 808. Од лицата кои се пријавиле за гласање во домашен притвор, досега гласале седум лица. Нема информација од запишаните шест раселени лица колку гласале. Ова попладнево го соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Дерковски на продолжението на 77 седница.

Дерковски смета дека вториот ден од изборите се одвива непречено и без проблеми.

– Иако условите се прилично комплицирани, во услови на пандемиска криза, сметам дека избирачките одбори досега добро си ја завршија работата и ги охрабрувам да ја дозавршат до крајот на денот. Ги охрабрувам и сите пријавени, да ги почекаат одборите доколку досега не дошле да ги посетат за да го искористат своето право на глас, рече Дерковски.

Најави дека по 21 часот ќе соопштат како поминало гласањето на овие категории лица.

-И од овој ден се виде дека ДИК со целата администрација, која е поддршка на целиот процес, успеа да го организира гласањето како што треба, водејќи сметка пред се за здравјето на граѓаните. Никаде не е пријавен ниеден настан кој би значел дека се загрозило здравјето на гласачите. Сметам дека така ќе помине и утрешниот ден. Апелирам граѓаните да излезат утре и да гласаат и да бидат сигурни дека се исполнети сите услови за безбедно гласање, пред се за нивното здравје и за здравјето на сите што учествуваат во организација на овој процес. Да ги почитуваат препораките и процедурите, како од нас така и од здравствените власти се со цел заштита на овој процес,а и заштита на нивното здравје, рече Дерковски.

За шепекулациите за броење на гласови, претседателот на ДИК кажа дека гласачките ливчиња од вчера и денеска ќе се бројат заедно со сите останатите гласачки ливчиња.

Дерковски ги замоли сите и учесниците во политичката трка да ги остават граѓаните слободно да го остварат своето гласачко право.

– Вчерашниот, денешниот и утрешниот ден се денови на ДИК и денови на граѓаните за да го исполнат своето гласачко право. Уште еднаш апел – воздржете се сите, оставете ги граѓаните да си ја донесат вистинската одлука, потенцира Дерковски.

И останатите членови на ДИК апелираа сите учесници во изборите да го почитуваат молкот. Укажаа дека гласачите можат да гласаат само со важечка лична карта и важечка патна исправа, а избирачките одбори и комисиите да ги почитуваат упатствата од ДИК.

Борис Кондарко нагласи дека гласањето е слободно, тајно и безбедно. Информира дека се преземени се сите мерки на здравствена заштита, немало никакви поплаки и се почитуваат препораките. За денешните објави на социјалните мрежи, во име на ДИК објасни дека гласачките ливчиња се изработени согласно закон, нивната заштита и содржина се според закон.

– Граѓаните треба да бидат спокојни дека со гласачките ливчиња по ниту еден основ не се можни никакви злоупотрби, манипулации или фалсификати, рече Дерковски. Соопшти дека гласачките ливчиња имаат десетици заштити, некои видливи и невидливи. На ниедно гласачко ливче нема сериски број, кој е на кочанот, кој останува во избирачкиот одбор.

Дражавната изборна комисија попладнево во рамки на продолжението на 77 седница разгледа нови приговори за повреда на личното избирачко право, поднесени од неколку граѓани и сите ги одби. Членовите на ДИК дискутираа и за три акти доставени од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и констатираа да се вратат повторно во оваа институција.