ДИК: До 13 часот излезноста 20,73 отсто, гласањето без неправилности


На гласачките места веќе шест и пол часа гласањето се одвива мирно, непрекинато и без неправилности. До 13 часот во Државната изборна комисија (ДИК) обработени се 95,39 отсто на избирачките места од кои пристигнале податоци. Вкупен број на избирачи кои гласале во овие избирачки места од кои има пристигнато податоци се 359.024 избирачи или 20,73 отсто, рече на денешната прес-конференција портпаролката на ДИК. Љупка Гугучевска.
Таа посочи дека останува да се обработат уште помалку од пет отсто од избирачките места и, како што рече, би имале околу 370 илјади излезени гласачи до 13 часот.
Општини каде е забележана најголема излезеност до 13 часот се Крива Паланка – 39,69 отсто, Крушево – 34,33, Прилеп – 33,84, Кратово – 33,82, Гевгелија – 33,07 и Берово – 31,53 отсто. Општините каде е забележана најмала излезеност до 13 часот се Желино – 4,22 отсто, Врапчиште – 6,12, Боговиње – 6,21 отсто.
– Во однос на излезеноста на изборите за градоначалник на Охрид и Ново Село, обработени се 99,08 отсто од податоците од овие избирачки места. Во Ново Село на гласање излегле 2.743 гласачи или 24,14 отсто од запишаните. Во Охрид на гласање до 13 часот излегле 11.450 избирачи или 21,91 отсто, рече Гугучевска.
Ги потсети граѓаните дека за нив во текот на целиот ден е активен бесплатниот телефонски број 0800 555 444 на кој може да се јавуваат и да постават прашања до ДИК или да остават коментар. За граѓаните со оштетен слух и говор денеска активен е и бројот 076/488-360 и преку видео повик ќе можат да постават прашање до ДИК и да добијат одговор на македонски знаковен јазик. На располагање на граѓаните им се и веб-страницата на ДИК, страниците на социјалните мрежи и каналот на youtube.
Одговарајќи на новинарско прашање за одредени нерегуларности на неколку гласачки места во Источна Македонија и за прекршување на изборниот молк, Гугучевска рече дека досега немаат пријавено никакви неправилности од терен. До ДИК, како што рече, нема поднесено ниту една претставка, ниту приговор по основ на ова. Таа додаде дека до ДИК досега формално не е пристигнато никакво сознание за групно гласање.
– Приговор има еден за заштита на лично избирачко право до овој момент, поднесен во ДИК. Граѓаниниот кој го поднел приговорот не е запишан во Избирачкиот список. Во моментов приговорот е во процес на обработка, а за одлуката на ДИК ќе бидете информирани, рече Гугучевска.
Ова беше втора прес-конференција на ДИК, а третата е закажана за во 15:30 часот, кога ќе бидат објавени резултатите од гласањето до 15 часот.