Дигиталната безбедност да се воведе во формалното образование

Интензивна едукација за сајбер безбедноста во формалното и неформалното образование е клучна за справување со дигиталните злоупотреби изјави денеска професорот по стручни предмети од електро-техничката струка, од „Наце Буѓони“, Марјан Спасиќ.
Во Куманово сè поголем број граѓани, без разлика на возраста, успешно ја прифаќаат дигиталната технологија, но потребна е дополнителна едукација за сите и воведување на повеќе наставни содржини, сметаат стручните професори. Според Спасиќ, Македонија не заостанува значајно во примената на дигиталната технологија во однос на европските стандарди.
– Проблемот не е технологијата, туку тоа што заостануваме во обуки и развој на вештини. Особено кај возрасните, недостигаат услови и поддршка за самостојно надградување, вели Спасиќ.
Тој појаснува дека сајбер безбедноста мора да стане дел од секојдневното дигитално функционирање.
– Мора да реагираме навреме, не само откако ќе се случи злоупотреба. Треба да учиме, да се едуцираме и да вклучиме безбедносни теми како во неформалното, така и во формалното образование, смета професорот.
Стручната јавност е загрижена што младите често си разменуваат лозинки, телефони и лични податоци, што ги прави ранливи на злоупотреба. Тоа, според Спасиќ, води и до зголемен број случаи на онлајн булинг.
– Доста често сме сведоци дека не се штитат едни од други, си разменуваат податоци помеѓу себе, лозинки, даваат телефони на користење еден на друг што, од друга страна се случува да дојде до злоупотреба на нивните информации некогаш, од немарност некогаш и со намера, секогаш доаѓа до некои несакани последици, вели професорот.
Повозрасните пак се попретпазливи при пристапот кон дигиталните содржини, но поради недоволната дигитална писменост и финансиски ограничувања, често се мета на злоупотреба на лични податоци.
– Со само еден погрешен клик, може несвесно да се најдат на лажни страници и да ги изложат своите податоци на ризик, предупредува Спасиќ.
Стручната јавност предлага воведување теми за дигитална и сајбер безбедност во формалното образование, поддршка за онлајн курсеви, бесплатни и достапни, поголема јавна кампања за заштита на лични податоци и развој на локални центри за дигитална едукација за возрасни.