Дигитална премиера на „Мирно лето” во летното кино на Кинотека


Во летното кино на Кинотеката, вечерва ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија „Мирно лето“’ на режисерот Димитрие Османли од 1961 година.

На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое  Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија.

– А пред и после филмот, за доловување на атмосферата од 60-тите години на минатиот век – кога „Мирно лето“ ги полнеше кино-салите, инспирираше патувања до Охрид, женска мода, престој во (тогаш) новоотворениот луксузен хотел „Палас“, и воопшто, беше репер за едно безгрижно, весело живеење во кругот на семејството и блиските пријатели – ќе се погрижи реномираниот џез-вокалист Џон Илија Апелгрин со својот бенд со свој краток перформанс, најавуваат организаторите.

Инаку, Апелгрин e внук на Илија Џувалековски, кој се појавува во една од водечките улоги во оваа комедија, па оттаму организаторите ги покануваат и наследниците на другите учесници во снимањето на филмот да дојдат и пред проекцијата да споделат дел од своите семејни спомени со присутните, кои се скапоцени сведоштва за историјата, за филмот, за нашето културно и општествено живеење.

Дигитално реставрираниот „Мирно лето“ ќе биде достапен за гледање онлајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 дена по оваа негова втора „дигитална премиера“.

Влезот на проекцијата денеска ќе биде бесплатен, но со претходно резервирани билети, а протоколите за заштита од Ковид-19 остануваат на сила.

Оваа година навршуваат точно шест децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Со Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во главните улоги, како Дара и Заре – чие посакувано и очекувано „мирно лето“ на охридското крајбрежје ќе се претвори во бучно дефиле на роднини, пријатели и патници-(не)намерници, актерскиот ансамбл го сочинуваат тогашните филмски и театарски ѕвезди Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.

Во април 1991 година, Кинотеката организираше симпозиум на тема „Мирно лето – осмиот македонски игран филм“ на кој учествуваа голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 2001 година беа објавени како посебено печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија. Во 2011 година е одбележана и 50-годишнината од „Мирно лето“.

Оваа проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката, со двата класика „Фросина“ и „Мирно лето“. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, што е една од основните активности на Кинотеката, како единствена во земјава чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.

Целта на оваа иницијатива координирана од Европската асоцијација на кинотеки (АЦЕ) и поддржана од програмата Медија на Европската комисија, е да се доближи европското филмско наследство до публиката и младата популација да се запознае со она што за постарите генерации претставува „филмска класика“.

Сезоната на филмски класици се одржува втора година по ред, а овој пат, во овој циклус на проекции со свои реставрирани историски и културно значајни филмови за европската и светска кинематографија, учествуваат 22 филмски архива од цела Европа, односно од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и од „соседите“ од нашиот регион – Загреб, Атина, Тирана, Софија.

Петочната проекција на „Мирно лето“ истовремено ќе биде пренесувана во живо и ќе може да се следи на каналот Јутјуб, преку линкови објавени на кинотечната страница на Фејсбук и веб-страницата на Кинотека.