Дигитална едукативна кампања на „Нула Отпад“


Друштвото за управување со отпад „Нула Отпад“ соопшти дека во услови на пандемија со коронавирусот, ја продолжува својата едукативна мисија преку дигитална едукативна кампања „Безбедни во изолација со супер еко едукација“.

Од „Нула Отпад“ информираат дека првиот предизвик помина со голем интерес и успех и даде значаен придонес во подигнување на јавната свест за селекција и рециклирање на е-отпад и отпадните батерии. Поради големиот интерес и се уште активната карантинска состојба, продолжува дигитална едукативна кампања со втор еко истражувачки предизвик. Поддржувачи се Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерство за образование и наука, Делегација на Европска Унија и Македонската асоцијација за управување со цврст отпад.

Темата на предизвикот е „Батериите опасност или можност? Со еко истражување до еко решение!“. Право на учество имаат деца на училишна возраст, од прво до деветто одделение.  Целта е децата да бидат еко истражувачи во дадената тема, да следат конкретни насоки за истражување со цел да дојдат до најдобро еко решение.

– Доколку едукативната кампања е успешна и пристигнат минимум 20 видео пораки за еко истражувачкиот предизвик на следниот e-mail: [email protected], „Нула Отпад“, најдоброто еко решение и видео според оценувањето на стручното жири ќе го награди со главна награда електричен тротинет, се вели во соопштението од „Нула Отпад“.

Рок за испраќање на видеата е 15 јули 2020 година. Прогласување и објава на најдоброто видео со најдобро еко решение и најдобра еко порака ќе биде на 20 јули  од страна на стручно жири од „Нула Отпад“ и соработниците на кампањата. Сите други учесници ќе добијат еко дипломи за значаен придонес во заштита на животната средина од опасниот отпад.