Дигитализиран творечкиот опус на Радован Павловски
Творештвото на истакнатиот македонски поет Радован Павловски добива свој виртуелен музеј

Творештвото на македонскиот поет Радован Павловски добива свој виртуелен музеј. Во него, љубопитните талкачи по интернетот, младите книжевници или истражувачите за првпат ќе може на едно место да прочитаат 28 негови стихозбирки, дел од неговите цртежи како и аудио интерпретации и преводи на песните и биографски податоци.
Основачка на дигиталниот музеј е Клементина Аврамовиќ, студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Младата книжевничка вчера во аулата на Филолошкиот факултет организираше промотивен настан на кој присутните се запознаа со веб-страницата, а потоа студенти читаа одбрани песни на Павловски.
Делата кои се избрани и објавени на веб-страницата се резултат на повеќе-месечно пречитување и средување на опусот на Павловски што по неговата смрт минатата година беше доставен во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
„Одев во МАНУ и помагав да ги средиме ракописите на Радован. Се работи за рачно пишувани, машинописи и печатени дела. Откако се носи творештвото, таму се архивира, меѓутоа бидејќи вработениот не е книжевник потребни беа книжевници затоа што тие може да го сортираат неговите дела“, раскажува Аврамовиќ за Радио МОФ.
Според неа, потребни се институции, па дури и виртуелни во кои ќе се собира и чува творештвото на домашните писатели и поети.
„Тоа е културно и литературно наследство и богатство и сметам дека недостасува кај нас. Недостасуваат и музеи посветени на авторите. Имаме само неколку; на Блаже Конески, на Кочо Рацин, меѓутоа недостасуваат уште многу. Па, еве денес е полесно тоа да се направи барем на интернет. Треба да се уважи таа работа на писателите и да се шири нивното дело“, смета студентката.
За проектот, вели дека аплицирала на конкурс од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од каде добила соработка и поддршка, а го работела под менторство на професорката Лидија Капушевска-Дракулевска.
Голем дел од творештвото на Павловски во МАНУ сè уште не е сортирано па младата книжевничка вели дека ќе продолжи да работи таму додека се уреди целосно, а тоа ќе го пренесува и во виртуелниот музеј.
Радован Павловски, човекот чија поезија создаде цел еден правец во македонската и југословенската литература и беше еден од најсјајните претставници на модерната, почина лани на 84 години. Веста ја соопшти Македонската академија на науките и уметностите, чиј редовен член беше од 2006 година.
Роден во 1937 година во Ниш, Кралството Југославија, Павловски заедно со неговото семејство во 1940 година се враќа во гостиварското село Железна Река каде што го поминува своето детство и завршува основното образование. Железна Река ќе остане дел од него во целиот живот, од младешките, средните и возрасните години и непресушна инспирација. Како што нашиша во истоимената песна „Железна Река“:
„Да седнам да здивнам на тој спржен рид/Злато древно да откопам и со одежда
Царска на времиња стари да се јавам и викнам/Да ја симнам месечината на земја
И целивки и рожби нејзини да најдам“.
Откако го завршува средното образование во Гостивар студира право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како и многу поети и Радован Павловски на почетокот работи како новинар, од 1956 до 1962 година прво во радио Скопје, а потоа во „Нова Македонија“.
Кога на почетокот на 1960-тите се појавија неговите први стихозбирки тоа претставуваше своевидна револуција во поетскиот јазик во тогашните југословенски простори. Неговата метафорика е извонредна.
Во 1952 година во списанието „Народно здравје“ првпат е објавена неговата кратка песна „Загонетка“, а во 1955 година се определува за светот на поезијата создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“.
Од 1964 до 1982 година живее и твори во Загреб, а од 1982 до 1985 година во Белград. Во Македонија се враќа во 1985 година.
Павловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. На 10 мај 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.
Автор е на книгите поезија: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (1972, на хрватски), „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Магија момче“ (1981), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), „Марена“ (1986), Избрани дела во три тома (1986), „Темелник“ (1988), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), „Бог на утрото“ (1991), „Светлина“ (1993), ,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „На едно око“ (2002), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во три тома) и „Се случува вечност“ (2014).
Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезлото на ДПМ (2002) .
Исто така е добитник на наградите „Младост“ (југословенска награда за „Суша, свадба и селидби“, (1961), „Златна струна“ (југословенска награда на анонимен конкурс за песната „Железна Река“, 1975), „24-та Дисова пролет“ (југословенска награда за поетски опус – избор „Момчето што спие напладне“, 1978), Плакета на јубилејната 50. Дисова пролет (1987, како лауреат) и „Ристо Ратковиќ“ (југословенска награда за збирката песни „Темелник“, 1988).
Во 1972 на поетскиот конкурс во Хрватска, ракописот „Пир“ е награден за неговите високи уметнички вредности, а поетската збирка „Зрна“ е прогласена за најдобра книга за 1975 година од Југословенската радио телевизија – оддел за култура. Во 2009 година е добитник на меѓународната награда „Икона Шекспир“ за литература, наречена „Исконски добитник“, што ја доделува Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија. Акад. Радован Павловски за своето творештво е добитник и на Орденот за заслуга за народ со сребрени зраци.
Радован Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. Повеќе книги со негова поезија се објавени и преведени во Македонија и надвор од неа: на српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и бугарски јазик, а во голем број избори на творештвото и на германски, италијански, арапски, грчки и кинески јазик. Творештвото на акад. Радован Павловски е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија.