Диџеј Авичи ќе добие музеј во Стокхолм

Avicii Experience ќе го следи животот на Берглинг „од повлечена музичка бубалица до прославена суперѕвезда, од неговата детска соба, каде што сè започна, до студиото во Лос Анџелес, каде што се направени најголемите хитови


Шведска- Стокхолм, кој веќе е светска престолнина на поп-музичкото наследство со музеј посветен на ABBA, сега е на пат да стане омилена дестинација на љубителите на електронската музика поради музејот посветен на шведскиот диџеј Авичи.

Речиси четири години по смртта на диџеј суперѕвездата, градот се подготвува за отворање на Avicii Experience на 26 февруари, интерактивен музеј посветен на електронската суперѕвезда, чие вистинско име е Тим Берглинг. Изложбата ќе содржи фотографии, видеа, сувенири и досега необјавена музика и ќе се обиде да ја раскаже приказната за тоа како Авичи стана ѕвезда на оваа сцена.

Кураторите велат дека Avicii Experience ќе го следи животот на Берглинг „од повлечена музичка бубалица до прославена суперѕвезда, од неговата детска соба, каде што сè започна, до студиото во Лос Анџелес, каде што се направени најголемите хитови“.

Во 2021 година, градските политичари објавија дека работат на музеј посветен на Авичи. Споменик се отвора и во луксузниот кварт Остермалм, каде Берглинг е роден, израснат и посетувал училиште.

Тим Берглинг, познат по хитовите Levels, Sunshine и Wake Me Up, се самоуби во Оман во април 2018 година на 28-годишна возраст. Тој престана да настапува во живо во 2016 година, но продолжи да снима музика и да работи како продуцент.