Дезинформациите дополнителен проблем во справувањето со и заштита од Ковид-19


Постои наплив на дезинформации чиј интензитет се зголемува во зависност од актуелните случувања. Во трката за ексклузивност и поголема публика, повеќето држави, меѓу кои и нашата се соочија со појавата на дезинформации или недоволно проверени информации кои предизвикаа дополнителен проблем во справување со и заштита од Ковид-19, истакнал директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски на регионалната онлајн конференција за справување со предизвиците од дезинформациите во Западен Балкан, што се одржа изминатите два дена.

Во неколку наврати, Агенцијата јавно реагираше и повикуваше на почитување на професионалните новинарски стандарди и на неопходноста од точно и навремено информирање на граѓаните. Една од најмоќните алатки во борбата против дезинформации, како што потенцираа денеска од АВМУ, е медиумската писменост, на чие промовирање и развивање, Агенцијата активно работи, заедно со членките на Мрежата за медиумска писменост. Подеднакво значајно е и промовирањето и подигањето на професионалните новинарски стандарди во известувањето.

-Сите ние, без оглед дали станува збор за регулаторни тела, граѓански асоцијации, новинарски здруженија, или државни институции, сме соочени со бројни предизвици, но сепак, не треба да заборавиме дека имаме заедничка цел – а тоа се професионални медиуми и медиумски писмени граѓани, нагласил Трајчевски.

Конференцијата ја организираше Советот за регионална соработка, во соработка со ОБЦ ТрансЕвропа, Европската служба за надворешно дејствување на ЕУ и Европскиот центар за борба против хибридни закани  на одржа. Нејзината цел беше да се подигне свеста во Западен Балкан за справување со дезинформациите и да произлезат препораки за политики засновани на најдобрите практики од цела Европа, кои ја земаат предвид регионалната динамика и потенцијалот за меѓународна соработка.