Девојчето во Германија е избодено 32 пати од врснички поради ТикТок кавга


Две девојчиња на возраст од 12 и 13 години го признаа убиството на 12-годишното девојче Луиза, кое во неделата беше пронајдено мртво во близина на нејзиниот дом, соопшти полицијата.

– По првото испрашување девојките дадоа спротивставени изјави, а по второто испрашување го признаа делото, изјави портпаролот на полицијата во Кобленц. Луиза била избодена 32 пати, а полицијата сѐ уште трага по оружјето со кое е извршено делото.

Државниот обвинител Марио Манвејлер објасни дека двете девојчиња не се кривично одговорни поради нивната возраст. „Тоа не значи дека ништо нема да им се случи. Тие се во рацете на Центарот за грижа за млади“, рече Манвејлер. Државниот правобранител рече дека се работи за „посебно кривично дело“.

Дванаесетгодишната Луиза беше пронајдена во неделата наутро во близина на нејзиниот дом, на самата граница меѓу сојузните покраини Рајнска област-Пфалц и Северна Рајна-Вестфалија, на запад од Германија. Домот на убиената се наоѓа во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија. Најпрво полицијата се сомневаше за сексуален престап, но обдукцијата не ги потврди овие сомнежи.

Луиз исчезна во саботата додека се одеше дома од кај другарка ѝ. Била пријавена за исчезната бидејќи не дошла дома, а не се јавувала ниту на својот мобилен телефон. Беше започната потрага во која учествуваа поголем број полициски службеници. Нејзиното тело беше пронајдено во неделата во шумата во близина на железничкиот тунел.

Мотивот е кавга на ТикТок

Како што дознава Фокус онлајн, мотивот за убиството е одмазда. Наводно трите девојки се скарале на ТикТок. Имено, жртвата се исмевала со една од двете девојки кои ја убиле. На кој начин – останува нејасно.

Шпигел пишува дека Луиза е таа што доживеала мобинг. Девојчињата кои го извршија убиството се одделени од своите семејства и се под надзор на центарот за грижа за млади.

Шпигел пишува и дека откако ја убиле Луиза, девојките отишле дома и ги повикале нејзините родители и се преправале дека не знаат каде е и дека се загрижени за неа. На социјалните медиуми споделуваат информации од потрагата.