Деветтоодделенците и учениците од трета година средно и годинава со стари учебници
Годинава, доставата на учебници за учениците од прво до трето одделение почна порана. Веќе со години наназад најмалите ученици добиваат нови книги. Тие не се предаваат од повисоките на пониските одделенија, а годинава, оваа распределба на нови учебници по училиштата почна многу порано, односно, еве на крајот на јуни.
Сепак, не сите ќе добијат нови учебници. Имено, според програмата за реформи во образованието деветтоодделенци ги наследуваат старите учебници од своите поголеми соученици, а тие учебници се по стара програма. Иста е состојбата и со учениците од трета година средно. Нивните наставници ќе треба да бидат многу креативни за да им го предадат материјалот според новата програма, а со учебници од старата програма.
Јаневска задоволна од промените
„Ценам дека конечно имаме стабилен систем за набавка и испорака на учебници и ова прашање кое го наследивме нерешено, е веќе апсолвирано. Одзеде време, но моравме да го надминеме како и секој друг проблем кој го затекнавме. Како Влада и министерство продолжуваме да се занимаваме со други аспекти на образованието во насока на подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес“, рече министерката за образование Весна Јаневска, која заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот на Педагошката служба во МОН, Роберт Аџипетров беа во посета на ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром, каде со градоначалникот Дејан Митески извршија увид во реконструктивни активности на училишниот објект.

Министерката посочи дека годинава беа организирани обуки за училишните служби за
правилно пополнување на електронската апликација за порачување на учебници и
училиштата одлично го завршија својот дел.
Целосно нови комплети на учебници од прво до трето одделение во тираж од околу 250 илјади примероци, беа набавени и испорачани уште во текот на месец април. При набавка на истите во период од две години заштедени се околу 45 милиони денари, како резултат на постигнати пониски цени при печатењето.
„Во следните неколку денови ќе започне и испораката на учебниците од четврто и погорните одделенија во основно и средно образование. Нарачките се направени, учебниците се печатат по сите предмети, вклучително и оние по сите странски јазици кои ги немаше години наназад, а од лани ги има. Исклучок ќе бидат учебниците за деветто одделение и за трета година средно, бидејќи во овие одделенија согласно етапниот план за реформирање на образовниот систем, предвидено е следната година да се изработуваат нови наставни програми и аналогно на тоа и нови учебници“, рече Јаневска.
Родителите плаќаат за изгубен или оштетен учебник
Директорот на Педагошката служба, Аџипетров информираше дека оваа година службите имаат најголем поврат на средства по основ на оштетени или изгубени учебници, што значи профункционира механизмот за подигнување на одговорноста. Сите печатени учебници се достапни и во електронски формат на платформата e- ucebnici.mon.gov.mk.
Пред крајот на учебната година, учениците ги носеа сите книги во училиште, а класните раководители беа задолжени да ја проверат нивната состојба. Доколку некој има изгубено учебник му се доставува уплатница за целосно плаќање учебник, а такви уплатници добија и оние чии учебници беа оштетени, но на пониска сума.
Амортизацијата на учебниците и целосна нивна замена е проценета на пет години.
Мицкоски жали што во време на ВИ, ние се радуваме на доставени учебници
„Претходните говорници кажаа речиси сè што е поврзано со испораката на учебници. Јас би додал само дека можеби сето ова треба да претставува нормална работа, иако пред 10-тина, 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска се радуваме ако учебниците ги доставиме на време, за да можат децата да ги користат… Повторно ќе кажам, жалам што во време на вештачка интелигенција, современи напредни технологии, ние се радуваме дека на време ги доставуваме учебниците“, рече премиерот Мицкоски.

Паралелно, Општината инвестира во подобрување на условите во училиштата преку реализација на бројни инфраструктурни и капитални проекти, со цел учениците да учат во современи, безбедни и квалитетни услови.(Б.Б.)