Деветнаесет години од нападот кај Карпалак


Денеска се одбележуваат деветнаесет години од нападот врз конвојот на АРМ во кој беа убиени десет воени резервисти кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово.

На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови. Конвојот одел кон Тетово, Еребино, за да изврши смена на силите и да однесе дополнителна опрема за војската која била сместена таму.

Беа убиени Сашо Китаноски (39) од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од Новоселани, Прилепско, Нане Наумоски (48) од Прилеп, Љубе Грујоски (31) од Пашино Рувци, Прилепско, Бранко Секулоски (42) од Прилеп, Дарко Вељаноски (27) од Ропотово, Прилепско, Горан Миноски (29) од Прилеп, Пеце Секулоски (29) од Бело Поле, Прилепско, Веби Рушидоски (26) од Прилеп и Ердован Шабаноски (20) од Прилеп.

Одбележувањето на годишнината почна вчера со положување цвеќе пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.Командантот на касарната „Мирче Ацев“, потполковник Ѓорги Василевски посочи дека во македонската историја има горди синови кои без двоумење се отповикале на повикот за нејзина одбрана.

Бројни делегации, бранители и претставници на дипломатскиот кор денеска ќе ја посетат локацијата на трагичниот настан кај месноста Карпалак, каде ќе положат цвеќе пред спомен плочата.

Mакедонската Служба за државна безбедност имала службена белешка дека на ридот од каде се пукало врз конвојот се наоѓа вооружена група од 10-15 лица. Остана нејасно кој наредил на 6 август 2001 година, два дена пред масакрот, да се повлече полицискиот пункт од месноста Карпалак, а Министерството за одбрана и Генералштабот да не бидат за тоа информирани.