Барање на девет земји на ЕУ до Борел: Вратете го Западен Балкан на агендата на Унијата
Писмото до ЕУ за поголемо ангажирање на ЕУ на Западен Балкан, особено по ветото на Бугарија за Македонија, било иницирано од Словачка. Дипломати од ЕУ мислат дека Вашингтон повеќе ќе притисне да се зголеми интересот на Брисел за иднината на регионот
Дали на одреден начин перспективата на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан е оставена малку настрана заедно со проширувањето, па сега се бара начин таа повторно да се врати на шините на кои беше порано? Девет министри за надворешни работи од земји-членки со писмо до шефот на европската дипломатија Жозеп Борел бараат ЕУ да има стратешка дискусија за иднината на Западен Балкан пред другите актери наместо Унијата за зачекорат во регион и да го зазамет нејзиното место.
Шефовите на дипломатиите на Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и Словенија побараа од Борел политичката дискусија за Западниот Балкан да биде дел од состанокот Советот за надворешни работи во април.
Што му напишаа министрите Александер Шаленберг, Гордан Грлиќ Радман, Томаш Петричек, Хајко Мас, Никос Дендијас, Сајмон Ковени, Богдан Ауреску, Иван Корчок и Анже Логар во писмото од 5 март:
„Ние би сакале да продолжиме со состанокот на Советот за надворешни работи во Брисел на 22 февруари 2021 година и да дадеме предлог да имаме стратешка дискусија за Западен Балкан на дневниот ред на еден од нашите следни состаноци.
Ние веруваме дека е крајно време да погледнеме стратешки на Западен Балкан. Многу работи се сменија од нашата последна дискусија во август 2019 година. Имаше динамични внатрешни политички случувања во земјите од регионот. Покрај тоа, пандемијата ги влоши веќе постоечките трендови, вклучително и геополитичките импликации. Другите актери се подготвени да стапат во регионалните работи, честопати на наша сметка. Додека ЕУ мобилизира огромна поддршка на регионот, другите актери беа поефикасни во презентирањето на нивната поддршка и со тоа ја поткопаа нашата доверливост, кредибилитет и перцепција на нашата солидарност.
Како ЕУ, треба да му пристапиме на регионот не само преку леќите за проширување, туку и преку надворешна политика. Треба да разговараме како да одговориме на внатрешните случувања на теренот и на поактивното ангажирање на третите актери.
Дополнително, Соединетите Држави се подготвуваат повторно да се вклучат во регионот. За да работиме рамо до рамо со нив како наш клучен партнер, од нас се бара да имаме заеднички став.
Нашата политичка дискусија за Западен Балкан се чини дека беше одамна и треба да биде дел од состанокот на Советот за надворешни работи во април“, пишува во писмото на деветте министри до Жозеп Борел.
Бриселски „Еурактив“ по повод ова писмо на министрите пишува дека по ветото на Бугарија врз Македонија (а со тоа посредно и за Албанија) недостигот на прогресот за проширувањето лежи во рацете на западноевропските земји, особено во Франција, каде има скептицизам околу ширењето на ЕУ, во светло на претседателските избори пролетта 2022 година.
Дипломат на ЕУ, запознат со прашањето за проширување, ја подвлекува важноста на проактивната политика на ЕУ во регионот.
„Сите земји од Западен Балкан имаат различен статус во однос на интеграцијата во ЕУ, но поентата е да им се овозможи да напредуваат, да ги отворат преговорите. Сите знаеме дека ќе биде долг и кривулест пат, но треба да ги вклучиме во процесот“, изјавил тој за „Еурактив“.
„Ако не ја истуркаме оваа агенда, ќе им дозволиме на другите играчи да имаат политичко и економско влијание во регионот, што секако не е во интерес на ЕУ“, предупреди дипломатот.
Интересно е што во кусата официјална информација на Белата куќа за разговорот на Џо Бајден и Урсула фон дер Лајен е наведено дека двајцата лидери разговарел и за Западниот Балкан. Регионот е сместен во оваа реченица од разговорите: „Лидерите, исто така, се согласија да се координираат за прашања од заеднички интерес, вклучително и Кина, Русија, Белорусија, Украина и Западен Балкан“, што значи дека регионот е на врвот на агендата во светот што треба да се решава.
Исто така интересно е што меѓу потписниците на ова писмо ги нема министрите за надворешни работи на две земји кои постојано повторуваат дека се едни од најголемите шампиони на проширување – Полска и Унгарија. Полски дипломат за „Еурактив“ изјавил дека писмото било иницирано од Словачка, но иако Варшава не го потпишала целосно ги поддржува барањата во него.
Од Унгарија нема ни збор. Како што нема ни збор од Унгарецот Оливер Вархеи, кој во Европската комисија е надлежен за ресорот проширување. Но неговата работа ја снема од радарот, како да не постои.
Како што нема ни збор дали Бугарија го поддржува ова писмо, а постојано со гордост истакнува дека за време на претседателсвувањето со ЕУ го вратила регионот на мапата на ЕУ. (Н.В.)