Девет години затвор за Боки 13 – седум за Катица Јанева


Фото: Б. Грданоски
Девет години затвор пресуди судот за обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, а  специјалната јавна обвинителка Катица Јанева доби седум години затвор.
Според судот, виновни се затоа што го искористиле своето влијание да извршат службено дејство што не смееле, а со кое била олеснета постапката за Орце Камчев во случајот „Империја“, тој бил ослободен од куќен притвор и  му била вратена патната исправа, во што помогнал и Зоран Милевски – Кичеец. Сите примиле 1,5 милиони евра, односно од Ана Камчева  500.000 евра и од Јордан Камчев еден милион евра.
Судијката спомена дека целиот случај требало да „тежи“ 8 милиони евра. Катица Јанева со направеното дело се здобила со имотна корист и мебел во вредност од 236.000 денари и 50.000 евра.

За примање награда за противзаконито влијание Јовановски доби 5 години затвор, за перење пари 5 години, но вкупната казна беше сведена на 9 години затвор. Судот ќе им ги конфискува сите незаконски стекнати предмети и пари  во овој период.

Според судијката „Луј Витон криминалот“  спаѓа во криминалот на белите јаки. Овде се работело за желба за збогатување на брз начин од страна на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, место да се справува со криминалот.
На почетокот на изрекувањето на казната судијката Васка Николовска-Масевска порача дека со голема тежина ја примила информацијата дека треба да суди во овој случај бидејќи пред неа требало да седи Катица Јанева, специјалната јавна обвинителка,  која била симбол на надежта за враќање на правдата во земјата. Граѓаните имаат право да знаат кој им ја уништи вербата и надежта во правдата во државата,рече таа како увод во пресудата, иако на крајот на судењето новинарите не беа убедени дека беа доволни изнесените докази за случајот, а одбраната со разочараност најави жалби.
Уште повеќе што за време на целото изрекување на пресудата, на кое отсуствуваше Јанева од здравствени и семејни причини (само што почина нејзиниот татко) процесот го следеше сопругата на Орце Камчев, Ана Камчева, брендирана и стилизирана за пред камери.
Судењето за „Рекет“ почна на 3 декември минатата година. Овој предмет беше најавен како еден од најголемите случаи во македонското судство досега и експресно беше завршен, наспроти многуте случаи што ги покрена СЈО.

Инаку, како што беше речено, на Боки 13 ќе му се конфискува облеката од скапи брендови, што му беше одземена од страна на обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска во истрагата, како и повеќе уметнички слики, мебел и сè што му е стекнато со пуштањето во оптек на парите од земениот рекет. На Јанева, пак, ќе ѝ бидат конфискувани 50.000 евра, а ако нема пари на сметките, ќе бидат присвоени лични предмети или недвижнини во износот со кривичното дело. (С.Јовановска)