Деведесет кумановци ќе користат субвенција за приклучок на гас од Министерството за економија


Деведесет кумановци се пријавиле и ќе користат субвенции од Министерството за економија за изработка на проектна документација и/или приклучок на гас, соопштија денеска од јавното претпријатие „Куманово-Гас“.

Од претпријатието делумно се задоволни од одзивот.

– Релативно сме задоволни. Очекуваме повеќе пријавени бидејќи оваа понуда прв пат ја имаше. Огласот траеше десет месеци и кумановци имаа можност да ја искористат. Преку Министерството за економија добиваат по 25.000, а од општината 15.000 или вкупно 40.000 денари и за само 9.200 да извршат приклучок на гасификациската мрежа, изјави диркторот на ЈП „Куманово-Гас“ Марко Митровски.

Тој очекува надлежните да ја продолжат субвенцијата и за наредната година и да опфатат не само физички, туку и правни лица. Општинската субвенција за приклучок на гас трае до крајот на годинава, а според најавите на надлежните ќе продолжи и наредната година.

Во Куманово изградена е 23.500 метри дистрибутивна гасоводна мрежа во централното градско подрачје и во населбата Гоце Делчев. Во моментов на гас се затоплуваат скоро сите општински установи, детски градинки, училишта, библиотека, домот за стари лица, болницата. Цената на гасот долг период изнесуваше триесетина денари, па извесен период „скокна“ на 80-тина денари, достигна дури 155 денари за нормален метар кубен гас. Сега повторно е стабилизирана и е околу 60-тина денари.

Гасификацијата на Куманово долго време беше една од главните мерки за намалување на аерозагадувањето. Гасот при согорување не ослободува јаглерод моноксид, сулфурни соединенија, нема пепел, чад, продукт на согорувањето е само водена пареа, која е безбедна за околината и човекот.