Детски болести на советите за реформи, а никаде пеницилин
МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Сè започна со потребата од длабоки, суштински и сеопфатни реформи во две клучни области: правосудството и администрацијата. Тие се две „црни дупки“ кои ни останаа во наследство од претходната владејачка структура и без чие разрешување не може да се адресираат ниту корупцијата, ниту владеењето на правото ниту, пак, да се овозможи ефикасно и одговорно функционирање на државата. За двете области беа формирани совети за реформа.
Навистина не знам која била идејата на Владата при формирањето на овие совети и што очекувале од нив, бидејќи тоа никаде не беше напишано и обзнането. Според мене, тие требаше да бидат тела во кои ќе бидат собрани луѓе со искуство во областа, кои ќе дејствуваат независно и самостојно во својство на експерти, луѓе со идеи и со кредибилитет; тела во кои ќе се судреа најразлични мислења (нешто како продлабочен brainstorming), аргументи и противаргументи, и во кои најслободно ќе можеше да се дискутира за сите можни идеи и решенија; тела во кои ќе се понудеа радикални промени, длабоки резови и целосно изместување од дотогашната практика.
Би додала, овие тела не требаше да понудат готови продукти ниту, пак, готови документи, туку образложени алтернативи, кои понатаму, ќе бидат анализирани во рамките на државните структури, проценети низ призмата на политиките на актуелната власт и соодветно модификувани. И ова требаше однапред да биде кажано, утврдено и запишано како облик на работа. Наспроти ова, беа формирани тела кои, уште пред да почнат да дејствуваат, беа кастрирани и обезличени до ниво на целосна апатија и непродуктивност.
Прво, со телата претседаваа министрите од соодветните министерства (а во вториот совет, оној за реформи во правосудството, во еден период дури и самиот премиер). На таков начин не само што се ограничи динамиката на состанување, туку пред сè, се ограничи дискусијата, алтернативноста, професионалната димензија на аргументите и можноста да бидат понудени најдобрите алтернативи.
Второ, во телата беа повикани активно да учествуваат и луѓето кои ги создадоа проблемите, кои беа осомничени за корупција, кои биле дел од проблемите или кои не мрднале со прст во изминатиот период со цел адресирање на проблемите. На тој начин, во старт беше задушена секоја дискусија која би водела кон решенија – неповолни за овие луѓе, беше оневозможена радикална промена и беа минирани сите релевантни аргументи кои беа спротивни на дотогашниот начин на работа.
Трето, советите не беа креирани со претходна информирана согласност на експертите кои беа вклучени ниту со поопстојна анализа на можностите за тимска работа на членовите.
Четврто, на самите средби беше усвоена пракса конечните заклучоци од средбата да ги формулира и носи министерот, а тие да се усвојуваат од страна на членовите на советот. На тој начин се стесни алтернативната понуда, која можеше да произлезе од советите, однапред беа отфрлени многу интересни и оригинални решенија, а учеството на членовите – експерти се девалвираше до ниво на фасада, зад која, како експертски, се нудеа чисто политички, односно, партиски решенија. Не знам дали тоа беше направено намерно или ненамерно, што воопшто и не е важно од аспект на крајниот резултат. Меѓутоа:
- Реформите сè уште тапкаат во место, без видлив и препознатлив исчекор во насока на прекин со практиките на претходната власт и воспоставување нови практики, кои ги решаваат воочените проблеми; напротив, дури и се ревитализираа одредени негативни практики измислени или возвишени до највисоко ниво од претходната власт;
- Промените се површински и козметички, и завршуваат на ниво на донесување закони без реална промена во практиката и без видлива или само минимална разлика за граѓаните;
- Донесувањето на подзаконската норматива, стратегиите и акционите планови, се претставува како имплементација и како замена за вистински мерила со кои опипливо или видливо ќе се измери напредокот во конкретната област; следствено и нема јасна линија на одговорност за недостатоците во сработеното односно несработеното.
Ако биде поука за Владата, би било многу добро, но барем како мој заклучок, сакам да ги наведам следните факти:
- Советите за реформа на правосудниот систем и на администрацијата се легитимни структури кои можат да помогнат во реформските процеси;
- Улогата на советите не може и не смее да биде донесување или усвојување конечни решенија (тоа е работа на државните структури), туку понуда на аргументирани алтернативи кои ќе ѝ помогнат на владејачката структура да формулира најсоодветни решенија;
- Советите не смеат да бидат конципирани како државни тела кои се под директна контрола на државната администрација или политичарите, туку како самостојни тела кои го кумулираат интелектуалниот капацитет на државата во конкретна област;
- Советите прво ги објавуваат своите заклучоци на посебна веб-страница, а потоа ги доставуваат до соодветниот субјект во Владата;
- Работата во советите не е ниту работна акција ниту пак некаква про боно активност, туку експертски ангажман што соодветно се вреднува и наградува;
- Пред да се формира кој било совет, гарнитурата на власт мора да има јасна претстава што бара од тоа тело, што очекува како конечен продукт од работењето на советот, која е временската рамка на постоењето на советот и кои критериуми ќе се употребат при изборот на луѓето кои би влегле во состав на конкретниот совет и за тоа се изготвува јавен, односно, документ објавен во „Службен весник“.
Авторката е универзитетски професор
Колумната е дел од проектот со наслов: „Детски болести на демократијата“, поддржан и финансиран од НЕД, а во имплементација на АГТИС и има за цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста на нашата влада, по прашања на реформите и нивните постигнувања