Детската улица „Тоше Проески“ останува непроменета – нема да се градат згради

Откако по некои портали и социјалните мрежи се прошири информација дека на почетокот на детската улица во Ново Лисиче, предвидена е изградба на згради на местото на зеленило, Општина Аеродром соопшти дека тоа се невистинити информации.

– Најостро го осудуваме обидот да се дискредитира локалната власт и апелираме до граѓаните да не наседнуваат на лажните вести и на некои петиции. Во планот за Ново Лисиче ЈИ02 што е посочен во лажните вести е вцртано Д1, односно парковско зеленило, не постојат ниту се предвидени згради на таа локација – велат од општина Аеродром.

Појаснуваат дека Општина Аеродром работи транспарентно и новите детални урбанистички планови ги изработува според највисоки стандарди и во консултација со граѓаните.

– Затоа, ги посочуваме граѓаните и самите изворно да ги проверат информациите за деталните урбанистички планови на официјалната општинска интернет-страница, каде што јасно може да се види дека детската улица „Тоше Проески“ останува непроменета – се вели во реакцијата од Аеродром.

Појаснуваат дека актуелните ДУП-ови за Општина Аеродром може да се погледнат преку општинската веб-страница www.aerodrom.gov.mk каде треба да се кликне на банерот за ГИС (Географски информациски систем на Општина Аеродром за граѓани). Кога ќе се отвори ГИС-от, треба да се кликне на третото копче лоцирано на горниот лев агол. Потоа се штиклираат полињата „ДУП“ и „Синтезен“, при што се отвора детален преглед на сите ДУП-ови за целата територија на Општина Аеродром.