Дете пукаше пред средно училиште во Турција, повредени се осум ученици (вознемирувачко видео)


Ученик денеска отвори оган пред своето средно училиште во западната турска провинција Маниса, при што повредил најмалку осум други ученици, објави „Ројтерс“.

Двајца од повредените се во критична состојба, додека напаѓачот е фатен, соопшти кабинетот на локалниот гувернер.

Инцидентот се случил околу осум часот во населбата Албајрак, пред Стручното и техничко средно училиште „Инџи Узмез“.

Според првичните информации, напаѓачот неселективно пукал пред училиштето.

По пријавата дека во нападот се повредени ученици, на местото пристигнале голем број полицајци и екипи на итната медицинска помош.

Веста за пукањето предизвикала паника, а пред училиштето набргу се собрала голема толпа. Родителите побрзале кон објектот во обид да стигнат до своите деца, при што дошло и до туркање со полицајците кои го обезбедувале училишниот простор.

Полицијата, според извештаите, тешко успевала да ги смири вознемирените родители, додека безбедносните мерки околу училиштето биле засилени.

„Пријавен е инцидент со пукање во близина на Стручното и техничко средно училиште ‘Инџи Узмез’ во округот Тургутлу. По пријавата, на местото беа испратени полициски и медицински екипи, а истрагата за случајот продолжува. Јавноста дополнително ќе биде информирана за развојот на настаните“, соопшти гувернерството на Маниса на платформата „Икс“.

Повредените со возила на итната помош биле пренесени во државната болница во Тургутлу.

Во дополнително соопштение, гувернерството наведе дека пријавата за пукањето била примена во 7:59 часот.

„Поведена е судска и административна истрага за инцидентот, а јавноста дополнително ќе биде информирана за развојот на настаните“, се додава во соопштението.

Двете смртоносни престрелки во училишта во април предизвикаа негодување во Турција и ги поттикнаа властите да воведат нови безбедносни мерки за учебната 2026/2027 година, вклучително и построга контрола на оружјето.

Пред овие инциденти, Турција немаше историја на вакви напади.