Куче искасало до смрт дете во скопската населба Пинтија

Осумгодишно дете почина откако било нападнато од куче бул мастиф. Детето било на гости во Пинтија, а кучето што го уби било на соседите


Булмастиф

 

Малолетник починал синоќа откако бил нападнат од куче што го чувал соседот, во скопската населба Пинтија.

„Од ГОБ ‘Св.Наум Охридски’ во вторникот,  во 18.25 часот било пријавено дека кај нив бил донесен малолетник од Скопје, кој според пријавеното подлегнал на повредите како последица од напад од куче, сопственост на неговиот сосед Н.Г.. Известен е јавен обвинител по чија наредба телото е предадено за обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.

Неофицијално, се работи за 8-годишно дете, кое откако влегло воо дворот каде кучето било чувано од страна на приватен сопственик, било нападнато.

По нападот со тешки телесни повреди веднаш е префрлено во Градската општа болница каде им подлегнало на повредите.

Според очевидци на местото на инцидентот доцна синоќа излезен бил јавен обвинител и екипи на МВР кои се обиделе да го заловат разбеснетото куче, од расата бул мастиф, за кое сопственикот имал соодветна документација.

Какво куче бул мастиф?

Булмастиф е цврст и заштитник на семејството во кое живее. Поради ваквата природа, тој е недоверлив кон странците, но е приврзан кон своите сопственици.

Голем и силен, со импресивен изглед, бул мастифот е најдобриот избор за куче чувар и за имот и за куќи, плевни и луѓе. Ова куче е речиси непремостлива пречка за секој натрапник, но сепак се почесто се чува како домашно милениче, најдобар пријател и сакан миленик.

Исто како кучињата од другите раси, особено големите и силните како самиот бул мастиф, доколку се социјализираат од мали нозе и се навикнат на луѓето, другите животни и звуците во околината, ќе бидат самоуверени и мирни миленичиња, лојални и приврзани. И покрај нивната големина, бул мастифот не е многу енергично куче.

Овие кучиња речиси никогаш не лаат. Тоа не е нивниот начин на комуникација. Најчесто се присебни и смирени, а со својот изглед одбиваат странци. 

Изненадувачки, ова силно куче ги сака децата и ужива во нивното друштво, исто како и тие со нивниот огромен заштитник. Мажјаците од оваа раса често достигнуваат тежина од речиси 60 килограми, а најголемиот дел од нивната маса се состои од мускули.