„Дете да пуштиш во трева ќе го изгубиш“, ама Аеродром промовира нов систем за одржување на јавната хигиена
Преку соработка со приватен партнер, Општина Аеродром промовира нов систем за одржување на хигиената и чистотата на јавните површини. Покрај тековните капацитети и лица кои се редовно ангажирани од страна на локалната самоуправа, отсега хигиената и зеленилото во Аеродром ќе се одржува со зголемен капацитет на механизација, а со и тоа поголем број работници на терен.
Градоначалникот Муцунски на својата Фејсбук страна потенцираше дека ветувањата за унапредување и подобрување на хигиената, дадени на почетокот на оваа година, се реализираат оваа пролет.
„Свесни за фактот дека хигиената во Аеродром може да биде на повисоко ниво, на почетокот на оваа година, ветивме дека ќе работиме на нејзини унапредување и подобрување и тие ветувања ги реализираме оваа пролет. По реакциите и забелешките од граѓаните воведуваме нов концепт на уредување, чистење и косење во општината“, истакна Муцунски.
Здружени и со ваша поддршка ги решаваме најважните проблеми и предизвици. Новиот концепт започна да се применува од четвртокот и за само два дена целосно се искосени 80 илјади квадратни метри зеленило во Аеродром.
Овие активности продолжуваат со исто темпо и во наредниот период. Убедени сме дека ќе ја постигнеме нашата заедничка цел: целосно зелена, уредена, убава и чиста општина Аеродром, напиша градоначалникот На Аеродром Тимчо Муцунски на Фејсбук.
Коментарите под постот укажуваат на очајната состојба со тревниците во Аеродром:
„Дојдете во уличките позади ресторанот “Одисеја” па да видите каков мечкарник е, дрвата ги покриле сите улички, неокастрено, каблите виснати….грдо навистина…за жал!?!“, пишува една жителка на Аеродром.
Друг додава: „Немојте да продолжувате со истото темпо затоа што тревата во тревниците ќе стигне до четврткат. Сменете го темпото и почнете со одржување на зеленилото. Никој пат не било вака запуштено како сега. Прошетајте ја општината пеш преку ден и ќе ја видите очајната состојба на тревниците и нехигиената“.
„Како што била хигиената во Општина Аеродром средено во времето на Киро и Ивица мислам со доаѓањето на Марин по него и Муцунски катастрофа е одржувањето на хигиената. Паркинзите не сме виделе некој да го измети шахтите полни со паднат цвет од Платун . Тревите површини пола метар трева некаде и повеке. Плочникот помегу зградите неизметени. Дрва неискастрени. Алооо Градоначалник на Аеродром прошетај низ Општината да видиш како е запуштено во делот на хигиената“, апелира друг.
„Дете да пуштиш во трева ќе го изгубиш…ова секоја година се полошо…или не повадени парковите пожолтена тревата или неискосена пола метар над клупите е стасана“.
Со недели жителите апелраа да се искосат тревите, исплашени од појава на крлежи и змии.
Како што пишувавме претходно Општина Аеродром склучи договор со Друштвото за трговија, производство и проектирање ПИРАМИД БИЛДИНГ СОЛУШНС ДООЕЛ увоз-извоз Скопје во вредност од 335.000 евра за одржување на јавни зелени површини и одржување на хигиената на јавните површини и други комунални услуги.
.