Деспотовски: Рекордно полугодие во работењето на технолошко индустриските развојни зони


Првите шест месеци од годинава донесе рекордни резултати во досегашното работење на технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ), се пофали денес на прес конференција првиот човек на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Ова се однесува како за вредноста на извозот и на увозот, така и на бројот на вработени, но и на други показатели. Деспотовски очекува ваквиот тренд да продолжи и во наредниот период. 

„Имаме рекордно полугодие во работењето на зоните во изминатите 20 години“, рече Деспотовски додавајќи дека тие претставуваат една половина од македонскиот извоз и затоа е важно да се следат внимателно движењата во нив.
Така, вкупниот обем на економската активност односно на извозот во рамки на зоните во првите шест месеци оваа година достигна 1,539 милијарди евра. Споредено со истиот период лани има 68 отсто пораст, 12,5 отсто во однос на истиот период 2019 година и 33,5 проценти пораст во однос на истиот период 2018 година. 

„Овие бројки покажуваат дека економијата во рамки на технолошко индустриските развојни зони е на добар пат. Не зборуваме за закрепнување, туку за реален раст. Очекувам овие бројки да продолжат да растат и понатаму. Секако, свесни сме за ризиците, разговараме со компаниите. Глобалните трендови во одредени дејности подразбираат одредени ризици, но следиме внимателно, се радуваме на позитивните бројки, но ќе бидеме внимателни и ќе настојуваме да ги поттикнеме овие бројки во периодот што следува“, рече Деспотовски.
Во делот на увозот исто така, зад Дирекцијата на ТИРЗ е рекордно полугодие. Така,  
вкупното ниво на увоз во првото полугодие 2021 година во рамки на зоните достигна 1,535 милијарди евра, или споредено со претходните години има раст од речиси 90 проценти во однос на истиот период лани, 18,5 отсто во споредба со 2019 и 56,5 проценти во однос на првото полугодие 2018 година.
„И овие податоци се позитивни, бидејќи компаниите внесуваат технологија, но и репроматеријали кои што понатаму се предмет на преработка и очекувам согласно овие бројки да зајакнат позитивните трендови“, рече Деспотовски.
Во однос на бројот на вработени во рамки на зоните, Деспотовски рече дека вкупно во моментов има 14.230 вработени.

„И тука регистрираме пораст, па во однос на просечниот број вработени во 2020 година има пораст од 9,75 проценти, или 8,06 проценти во однос просечниот број вработени во 2018 година и 18,1 во однос на 2017 и 45,6 пораст во однос на просечниот број вработени во 2016 година. Значи, во последните пет години има пораст од речиси 50 проценти на бројот на вработени во рамки на зоните“, рече Деспотовски.

Тој очекува бројот на вработени и натаму да се зголемува, со оглед на тоа што во рамки на деловните планови на компаниите има дополнителен неискористен потенцијал за креирање на работни места за околу 7 илјади, за што од Дирекцијата на ТИРЗ интензивно работат да се релизираат, но и поради нови договори кои што се склучуваат со компаниите за нови инвестиции.

Деспотовски информира дека во овој период биле потпишани договори за инвестиции во висина од 105 милиони евра, вклучувајќи ги и последните со две компании во вредност (едниот со компанијата Дура, за третата фаза , која што ќе ја реализираат во ТИРЗ Скопје и компанијата Витек, втора фаза) од 40 милиони евра, за кои разговорите се завршени и се чека формално одобрување. Овие нови странски инвестиции во следниот период треба да донесат 1.850 нови работни места, пораст на извозот во следните 10 години во износ од 2,1 милијарда евра, средства за државата по основ на персонален данок на доход во износ од 7,2 милиони евра, како и 33,2 милиони евра по основ на придонеси и 36,8 милиони евра од данок на добивка.

„Важно е да имаме голем број на странски инвестиции, да имаме увоз на нова технологија во државата, бидејќи сето тоа придонесува за економијата, но реалните и практичните придобивки за државата се преку бројот на работните места, платите за вработените и придонесите што се уплатуваат во Буџетот“, вели Деспотовски.

Тој додаде дека неодамна иницирале циклус на дијалози со бизнис заедницата, односно со Советот на странски инвеститори, како и дека е направена анализа, односно вреднување колку реално вреди земјиштето со кое што располага државата во ТИРЗ и кое што е една од алатките за поттикнување на рамномерен регионален развој.

Деспотовски останува на проекциите за 1 милијарда нови странски инвестиции до крајот на мандатот и нови 14 илјади работни места. Во моментов се разговара со 30 компании за инвестиции во износ од над 400 милиони евра и отворање нови 8.500 работни места. Притоа, како што нагласи, во наредниот период ќе се излезе и со нов концепт во привлекувањето инвеститори кој не се предвидува како елемент да биде и евтината работна сила, туку водејќи сметка инвестициите да бидат квалитетни и да нудат поголеми плати за вработените. (М.Ј.)