Деспотовски – Холштајн: Течат преговорите за нови германски вложувања


Статусот на преговорите со неколку поголеми германски компании, од кои дел нови инвеститори, за реализација на нови вложувања во следните две – три години, беше презентиран на денешната средба на директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн.

На средбата стана збор и за постојните германски инвестиции.

Како што беше речено, Владата и Дирекцијата за ТИРЗ ги препознаваат потребите на инвеститорите за предвидлива деловна клима, пристап до квалитетна инфраструктура и ефикасни јавни услуги. Поддршката што Дирекцијата ја развива во овој контекст, како и новововедениот пристап на индивидуализиран пакет на поддршка, веќе носат резултати. Од почетокот на годината веќе реализираат или во завршна фаза на подготовка се инвестиции во износ од над 120 милиони евра, со околу 2.000 нови работни места.

Амбасадорката Холштајн изрази задоволство што Германија и компаниите кои инвестираат во земјава се пример за добри пракси во работењето и најави дека ќе продолжи да работи на зголемување на економското присуство во регионот.

На средбата се разговарало и за новите иницијативи на Дирекцијата за ТИРЗ во делот на развојот на човечкиот капитал, што е од особено значење за инвеститорите. Деспотовски  информирал и  за подготовките за нов циклус активности за поттикнување инвестиции, со фокус на Западна Европа, САД и источна Азија.

Само во ТИР зоните досега има седум германски компании со вкупен обем на реализирани и планирани инвестиции од над 150 милиони евра, со повеќе од 4.600 работни места. Овие бројки се очекува значително да се зголемат во следните неколку години.