Десната рака на Џо Бајден наскоро доаѓа во регионов
Советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливен доаѓа во Западен Балкан. Фон дер Лајен му рекла на Бајден дека сака прво да го посети Брисел пред да дојде во регионов
Џејк Саливен, советникот за национална безбедност и човек од најголема доверба на американскиот претседател Џо Бајден, наскоро доаѓа во посета на Западен Балкан за да разговара за неколкуте клучни прашања во регионов – тензиите и преговорите меѓу Србија и Косово, како и проширувањето на ЕУ со земјите од овој простор.
Еден ден пред самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија Бајден и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен разговараа вчера триесетина минути на барање на американскиот претседател. Овој разговор не се однесувал само за европските перспективи на Западен Балкан, туку и за партнерството на САД и ЕУ во склоп на големите меѓународни предизвици.
Па, сепак, во 16-те реда од соопштението на Белата куќа за разговорот меѓу Бајден и Фон дер Лајен, четири се одвоени за Западен Балкан, што покажува колкаво значење му се посветува во Вашингтон на овој регион.
Во нив се вели:
„Лидерите разговараа и за Западен Балкан и претседателот Бајден изрази силна поддршка за продолжување на процесот на пристапување со земјите од овој регион“.
Тоа е многу повеќе отколку штурата реченица: „Претседателот Бајден, исто така, ја истакна важноста на тесната соработка САД-ЕУ во Индо-Пацификот“, а се однесува на големата бура што ја предизвика склучувањето на одбранбениот пакт меѓу САД, Британија и Австралија.
Американската амбасадорка во земјава, Кејт Брнз, објави денеска на својот официјален Твитер налог дека Бајден побарал од Фон дер Лајен во проширувањето да биде вклучена и Македонија.
„Претседателот ѝ нагласил на Фон дер Лајен дека процесот на проширување треба да продолжи со земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, подвлекувајќи го нејзиното значење за регионалната стабилност, развој и просперитет“, напиша Брнз.
Фон дер Лајен му соопштила на Бајден дека Џејк Саливен има покана да дојде во Брисел пред да замине во Западен Балкан за да разговараат за слуучувањата и перспективите на регионов.
Аналитичарите од обете страни на Атлантикот велат дека овој разговор е порака дека Вашингтон сака да работи заедно со ЕУ за повеќе прашања, меѓу кои е и проширувањето кон Западен Балкан. „Разговорот е знак дека од двете страни на Атлантикот има посветеност да се работи заедно и да се координираат активностите“, изјави функционер на Европската комисија.
Фон дер Лајен и Бајден се согласиле за потребата да се бранат човековите права, но исто така и да се справуваат со сѐ поробусната индустриска стратегија на Кина.
Бриселски „Политико“ денеска заедно со силниот текст во кој го обвинува еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи дека без основа ја форсира Србија, а не направил ништо значајно Бугарија да ја крене блокадата на Македонија, објавува и заедничка колумна на петмина автори пред самиот во Словенија. Насловот на текстот е – „Не затворајте ја вратата за Западен Балкан“. Петтемина автори на свој начин го покажуваат трансатлантскиот став за ова прашање. Тоа се Кетрин Ештон, поранешен шеф за надворешна политика на ЕУ; Миша Глени, поранешен дописник на Би-Би-Си и експерт за Балканот; Марк Медиш, член на Советот за национална безбедност во администрацијата на Бил Клинтон; Александар Рондос, кој беше дел од владата на Грција од 1998 до 2004; и Иван Вејвода, поранешен директор на Балканскиот фонд за демократија.
Тие пишуваат: „Двоумејќи се на Балканот, ЕУ ги поканува оние што не ги споделуваат нејзините норми и вредности да дојдат на нејзините граници и нејзиниот културен и географски простор…
Ова не се прашања што треба да се игнорираат. Членството на Западен Балкан… беше ветување за мир и безбедност, гаранција за поширока Европа базирана на вредности и идеали, дадени од ЕУ и поддржани од САД.
Не може да се негира дека предизвикот за интеграција расте со текот на годините, и одговорот бара обновено трпение, доверба, имагинација и енергија. Но, влогот е голем.
Алтернативата е назадување кон поделена Европа, опкружена со сили кои ги немаат ниту нејзините интереси ниту нејзините вредности во срцето. Оставањето на Западен Балкан во постојана зона на самракот на маргините на Европа би било стратешки пораз – кој може да се избегне“. (Н.В.)