Дескоска уште чека предлог за СЈО


Фото: Б. Грданоски

Министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска, сè уште го чека предлогот од ВМРО-ДПМНЕ за законот за СЈО, но нема да прифати скриена амнестија. Во интервју за „Фактор“ вели дека досега не се разговарало за тоа кој ќе биде нов специјален јавен обвинител бидејќи за тоа решава Советот на јавните обвинители.

– Во досегашните разговори воопшто не била спомената Катица Јанева, не сме разговарале кој ќе биде нов специјален јавен обвинител. Не сме оптоварени дали ќе биде Катица, дали ќе биде Фатиме, дали ќе биде Ленче или ќе биде некој трет. Немаме ниту право да избираме бидејќи според нашиот предлог специјалниот јавен обвинител го избира Советот на јавните обвинители. Ќе видиме кој ќе конкурира и кого ќе изберат – вели министерката Дескоска.

Според неа, овој закон треба да се донесе со широк консензус, имајќи предвид дека Законот за СЈО беше гласан од четирите најголеми политички партии во Собранието.

– Пожелно е и сега да се изгласа со широка поддршка од опозицијата и од тие причини тргнавме во дијалог. Дел од амандманите прифативме, но има еден дел од амандманите кои не можеме да ги прифатиме, а тие претежно се однесуваат на статусот и работењето на СЈО – вели Дескоска.

Министерката вели дека не страда од суета и дека треба да биде изгласан законот изготвен од работните групи во Министерството за правда, и ако ВМРО-ДПМНЕ понуди поквалитетен закон и за него може да се обезбеди консензус, спремна е да го поддржи.

– Главниот проблем што се јави беше дека СЈО не треба да биде посебен орган, да нема одредени гаранции за нивно самостојно постапување, а најголемиот камен на сопнување беше членот 105 кој се однесуваше на истрагите и обвиненијата што во моментот се водат во СЈО. Имаа барање сите истраги и обвиненија што започнале под 18 месеци да запрат, сите докази да бидат уништени и практично тоа значи амнестија, и таков тип на решение не можеме да прифатиме – вели министерката Дескоска.