Дескоска: Уредбите важат со или без вонредната состојба

Фото: Б. Грданоски

Во изминатиов период се отвораат повеќе прашања околу уредбите со законска сила, што може да регулираат, до кога важат и слично. Кога се разгледуваат овие прашања, мора да се има предвид дека вонредната состојба е прогласена заради полесно справување со епидемијата, но и со последиците кои произлегуваат од неа, а тие последици се економски, социјални, образовни и слично, вели  министерката за правда Рената Дескоска.

Уредбите со законска сила се акти кои, како што посочува министерката, се на исто рамниште со законите и самото име кажува дека се со еднаква правна сила, а основно правно начело е дека еден акт можеш да го измениш, дополниш, суспендираш со акт којшто има иста правна сила.

-Оттаму, на сите им е јасно дека во ситуација кога нема активно Собрание, Владата, согласно членот 126 од Уставот, ја презема нормативната функција преку уредбите со законска сила, со кои ги нормира новонастанатите околности, со цел да се даде ефикасен одговор на настанатите проблеми, истакнува Дескоска.

По прашањето околу важењето на уредбите со законска сила, како што посочува министерката за правда, се има произнесено и Венецијанската комисија којашто прифаќа дека одредени мерки кои се донесени за време на вонредната состојба можат да имаат правно дејство и по нејзиното завршување.

Во контекст на тоа, Дескоска посочи дека вчера Владата донесе неколку уредби со законска сила во областа на образованието коишто овозможуваат упис на факултет на средношколците кои оваа година ќе завршат четврта година средно образование – без да полагаат матурски испит.

-Сите очекуваме и се надеваме дека вонредната состобја нема да трае до септември кога се уписите на универзитетите. Навистина би било апсурдно некој да помисли дека оваа уредба нема да предизвикува правно дејство во септември и дека цела една генерација средношколци ќе останат без можност да го продолжат своето образование на некој од факултетите. Истото се однесува и на економските мерки кои треба да се справат со економските и социјални последици од корона-кризата, преку кои се обезбедува економска сигурност на граѓаните коишто се најмногу погодени од економските последици на кризата, истакнува министерката Дескоска.

Од тие причини, како што вели, дури и ако погледнете компаративно во другите системи постојат и изречни уставни одредбри, коишто бараат уредбите со законска сила да бидат упатени во Собранието на нивна потврда во моментот во кој тоа ќе може да се состане, што јасно укажува дека тие може да важат и по завршување на вонредна или воена состојба.

-Уредбите коишто Владата ги донесе досега ги почитуваат препораките на Венецијанската комисија да не содржат системски и трајни решенија, но некои од уредбите содржат одредени индивидуални, привремени мерки коишто ќе имаат ефект и во одреден разумен период и по престанокот на вонредната состојба, вели  Дескоска.

За траењето на уредбите со законска сила, министерката за правда потенцира дека и нашиот Уставен суд со отфрлање на една од иницијативите коишто беа покренати за уредбите, веќе прифати дека одредени мерки може да важат по престанок на вонредната состојба, а таква уредба беше Уредбата со законска сила за Законот за работните односи