Дескоска се откажала од говорот за да заштеди време и да не предизвика лавина реплики  

Министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска, на денешната собраниска седница на која почна расправата за Предлог-законот за јавно обвинителство, се откажала од збор за да заштеди време и да не предизвика реплики од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквото образложение таа го даде преку својот Фејсбук профил, откако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски од собраниската говорница ја прозва да се обрати пред пратениците и да го образложи законот, по што побара пауза од еден час.

„Очигледна е намерата на некои политички партии да го опструираат процесот на носење на законот за јавно обвинителство. Очигледно е дека дел од стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е, меѓу другото, триесетина од нив да се јават за реплики на мојот говор и тоа би значело дополнителни 2,5 до три часа со реплики и контрареплики. Затоа одлучивме ниту јас, ниту другите пријавени пратеници од СДСМ и коалицијата да не се јавуваме за збор, со што заштедуваме најмалку осум часа дебата по нашите говори.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ самиот од говорницата свесно или несвесно призна дека најмалку месец дена веќе го објаснувам и бранам законот во јавност. Значи, на сите им е јасно кои се последиците од овој закон, а најмногу на осомничените и обвинетите за криминал и корупција, па затоа е паниката и ваквите бурни реакции на одредени политички партии. Кога не им успеа планот да го ‘трошат’ времето со реплики на мојот говор и говорот на пратениците на власта, пробуваат да ‘купат’ време со еден час пауза“, реагираше Дескоска.