Дескоска: Правата ќе се ограничуваат само кога е нужно


Самото прогласување на вонредна состојба не значи забрана за движење, полициски час, затварање на продавници или нешто слично. Со моментот на прогласување на вонредната состојба важат мерките кои до сега се донесени од страна на Владата и тоа не значи автоматско стапување на сила на нови мерки, порача министерката Рената  Дескоска со пост на Фејсбук.

– Со воведување на вонредна состојба, Владата, согласно членот 126 од Уставот, добива право да носи уредби со законска сила. Тоа се акти со кои ќе регулира прашања кои во нормална ситуација се во надлежност на Собранието. Уредбите со законска сила имаат еднаква правна сила со законите и со нив ќе можеме да измениме одредени законски одредби или да донесеме одредени мерки кои се итно потребни, а кои без прогласена вонредна состојба, би требало вообичаено да поминат законска постапка во Собранието, истакнува министерката за правда.

Вонредната состојба, како што посочува таа, овозможува и ограничување на одредени човекови права.

– Наша заедничка заложба е ограничувањето на правата да биде минимално и само кога е нужно. Колку повеќе се придржуваме до мерките и препораките кои се до сега дадени, толку побрзо ќе ја пребродиме оваа криза и нема да бидат потребни нови мерки за ограничување на правата на граѓаните, додава Дескоска.