Дескоска најави и „план Б“ за решавање на статусот на СЈО

Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека ако не се обезбеди двотретинско мнозинство за законот за јавно обвинителство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив е измени во Законот за Советот на јавни обвинители, кој се носи со 61 глас.

Откако денеска Собранието со само 57 гласа „за“ ја утврди потребата од донесување на законот за јавно обвинителство по скратена постапка, Дескоска повтори дека главен камен на сопнување меѓу власта и опозицијата останува статусот на предметите шти ги води СЈО.

– Клучната разлика останува околу ефикасното завршување на судските постапки кои се почнати од Сепцијалното јавно обвинителство. За жал, преовладува мислењето и впечатокот дека на ВМРО-ДПМНЕ му е поважно да ги спасат оние кои се обвинети во постапките од СЈО, отколку да овозможат ефикасно водење на судските постапки и со тоа обезбедување старт на преговорите со ЕУ – изјави Дескоска.

Таа изрази надеж дека во следниот период, кога ќе бидат доставени амандманите од ВМРО-ДПМНЕ, ќе може да седнат и заеднички да разговараат. Министерката се надева дека 80 пратеници ќе смогнат сила да дадат поддршка на овој закон со кој се решава и судбината на СЈО.

Таа ги отфрли обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ која денеска побара оставка од неа бидејќи во нејзиниот мандат има најголем политички и судски скандал.