Дескоска: Многу различни ставови за изборниот модел, тешко до консензус


Министерката за правда Рената Дескоска денеска истакна дека не е голем оптимист оти ќе се најде заеднички јазик околу изборниот модел што би бил најсоодветен за Република Северна Македонија, со оглед на широкиот спектрум на различни предлози на политичките партии.  А Изборен законик, додаде таа не се менува без консензус.

На политичката сцена има целосно спротивставени мислења за тоа каков треба да биде изборниот модел, истакна Дескоска пред почетокот на завршната конференција на проектот „Правна заштита на избирачките права“ во организација на Институтот за правни и политички истражувања.

– Имаме предлози што се за една изборна единица, имаме предлози што зборуваат за намалување на бројот од шест изборни единици, но да не биде една – значи, три и слично. Веќе слушам во консултациите што ги правиме, одредени експерти предлагаат и осум изборни единици. Но, исто така слушнавме дека има политички партии што бараат мнозински изборен модел. Така што, тоа е еден спектрум на целосно различни ставови и доколку нема консензус нема да има промена на изборниот модел, рече таа.

Таа нагласи дека имајќи ги предвид различните ставови, не е многу оптимист дека ќе може да се најдеме заеднички јазик.

– Клучните политички партии се со целосно спротивни ставови за тоа каков изборен модел треба да има. ВМРО-ДПМНЕ досега настапуваше со став дека се за мнозински изборен модел, кај ДУИ не гледам расположение за една изборна единица, така што не мислам дека ќе имаме шанса да направиме промени, бидејќи навистина изборен модел без консензус не би било упатно да се менува во ниту една земја, така што јас тој ризик не би го презела кај нас, додаде таа.

Министерката напомена дека по добивањето на извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за последните претседателски избори на почетокот на октомври ќе се почне со имплементација на препораките. Целта, додаде таа, е целосно усогласување на изборното законодавство со европските стандарди.

– Јас сум сепак задоволна затоа што извештајот што го  добивме е исклучително позитивен и зборува за демократски избори што биле спроведени, рече Декоска и појасни дека препораките се однесувале на мали измени во Изборниот законик.

Напомена дека покрај имплементацијата на пораките на ОБСЕ ќе се отвори дебата и за други прашања – дали треба да има измени во составот на ДИК, дали треба да има промена на изборниот модел, дали треба да има отворени гласачки листи.

– Ниту една измена на Изборниот законик не би била соодветна доколку не се направи со консензус, така што нашето инсистирање како Министерство за правда ќе биде да усвоиме измени со консензус на релевантните политички партии, така што за она што ќе има согласност ќе биде пратено во Собранието, додаде таа.