Десетмина починати, 111 заболени и 159 излекувани од Ковид-19 во изминатите 24 часа во Косово

Во Косово во изминатите 24 часови починаа десетмина заболени од Ковид-19, со што бројот на жртви епидемијата на новиот коронавирус достигна до 467, објави попладнево во својот редовен дневен извештај Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК).

По вчерашните деветмина починати, денеска продолжи неколкудневниот тренд на двоцифрена бројка на жртви на епидемијата, при што, според косовските здравствени власти, се работи за главно повозрасни и лица кои страдаат од дијабетис, кардиоваскуларни и други потешки хронични болести.

Во текот на вчерашниот ден регитрирани се нови 111 заразени, со што вкупната бројка на заболени од Ковид-19 од почетокот на епидемијата достигна до 12.448. Од нив, вклучително последните 159, излекувани се вкупно 8.505, така што бројката на активни носители на вирусот изнесува 3.476.

Во лабораторијата за молекуларна микробиологија на ИКШПК вчера се извршени 448, а од почетокот на епидемијата 47.355 тестирања.