Десетина детски кардиохируршки интервенции за два месеца во „Жан Митрев“ на државен трошок


Повеќе од десет детски кардиохируршки интервенции се извршени во изминатите два месеца во Клиниката „Жан Митрев“ откако тим од Детската хирургија преводен од д-р Владимир Чадиковски работи во таа здравствена установа. Станува збор за пет деца на возраст над една година, а другите на возраст под една година.

Ова денеска го истакна д-р Чадиковски на прес-конференција во Клиниката на која беа презентирани резултатите од успешното функционирање на новиот модел на соработка во областа на детската кардиохирургија. Посочи дека бидејќи станува збор за бебиња од два килограма со тешки срцеви мани, американски тим опсервира од страна, а тие ги вршат интервенциите.

– Имаме 12 комплетно опремени кревети за интензивна нега, операциона сала која постојано ни е на располагање, каде можат да се извршат и најтешките интервенции во комбинации со интервентна кардиологија, магнет и компјутерска томографија. Целта ни е да ги згрижиме најтешко болните деца во државата, не само оние со срцеви проблеми, туку секое дете кое ќе бара екстремно добро опремена интензивна нега со кадар. Имаме тим кој е сертифициран за дијализа на бебиња, додаде д-р Чадиковски.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека овие модели на партнерство меѓу приватното и државното здравство се иднината што треба да се развива во нашиот здравствен систем, треба да ги искористат сите ресурси кои им се на располагање, да инвестираат само таму каде е најпотребно и според претходни проценки, да знаат каде инфрастурктурно ќе ги зајакнат државните здравствени капацитети, а каде и во кој дел тоа нема потреба да го прават и можат да се ориентираат кон купување услуги, систем кој функционира во многу развиени западни земји.

– Сакаме да ги отвориме вратите за влез на приватниот капитал и на тој начин да ги надградиме условите, тие да се подобрат. Тенденцијата не е да се затвораат болниците, туку да се надградат и осовременат и да дадат здравствени услуги кои граѓаните ги заслужуваат. Ќе правиме се да ги зголемиме инвестициите во здравството, квалитетот на здравствената услуга и пристапот не само по моделот на јавно-приватно партнерство, туку и преку законските измени кои ги правиме со цел вкупниот број доктори од различни сфери да биде достапен за сите граѓани, истакна Филипче.

Додаде дека Фондот за здравствено осигурување веќе има долгогодишен постоечки договор за детска кардиохирургија со приватната здравствена установа Клиника „Жан Митрев“ и префрлувањето на ЈЗУ Детска кардиохирургија претставува проширување на долгогодишната успешна и постоечка соработка со таа клиника.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Ден Дончев рече дека кардиохируршките операции кои ќе се извршуваат во приватната болница, ќе продолжат да бидат на товар на Фондот како и досега. Посочи дека средствата кои Фондот ќе продолжи да ги обезбедува за овие здравствени услуги ќе бидат на исто ниво, односно буџетот од 65 милиони денари кој го определиле за здравствените услуги во Клиниката „Жан Митрев“ за кардиолошки интервенции за новороденчиња и деца до 18 годишна возраст во суштина претставува просек на годишниот буџет кој досега го определуваат за детска кардиохирургија во рамки на ЈЗУ Клиника за детски болести.

– Истовремено, во периодот од 1 јануари 2014 година до 31 декември 2018 година од Фондот се исплатени вкупно околу два милиони евра за над 100 поединечни лекувања во странство на деца до 18 годишна возраст за кардиохируршки интервенции. Оттаму, еден од главните мотиви освен потенцијалната заштеда за плаќање на лекување во странство, се и значително подобрите услови за работа и лекување, потенцира Дончев.

Појасни дека увидувајќи ја потребата да се развива детската кардиохирургија, логично е да се очекува да се намали потребата децата да се испраќаат на лекување во странство, бидејќи за некои од тие услуги, работат да ги овозможат и во нашето здравство.

– Цената по ДСГ процедура останува иста како што ја плаќавме и на детска кардиохиругија, односно за трите поединечни процедури, како процедурата за новороденчиња, изнесува 1,124 милиони денари, потоа за процедурата за кардиоваскуларни процедури за деца до 18 години изнесува 997 илјади денари и за други трансваскуларни срцеви интервенции изнесува 428 илјади денари по процедура. Фондот за здравство ќе ги стави на располагање сите свои капацитети и можности за во блиска иднина да резултира со создавање на центар на извонредност, со меѓународен тим експерти на детската кардиохирургија. Интенцијата е да стане регионален пример на медицинска стручност, професионалност и извонредност каде луѓето од околните земји би ги носеле децата на лекување во Република Северна Македонија, додаде Дончев.

Според доктор Жан Митрев, сопственик на Клиниката, од кога почнале имаат направено над 1.000 интервенции врз деца со вродени срцеви маани.

– Таков ни беше и Договорот со Фондот. Речиси 20 години згрижуваме 80 до 90 деца. Ние континуирано ја работиме таа детска кардиохирургија. Меѓутоа неонаталната детска кардиохирургија е нешто плус посебно во однос на она што значи квалитет, посветеност и исчекор во таа област, додаде д-р Митрев.