Десетици новинари упасени во Москва за време на протестот на сопругите на мобилизираните


 

Голем број луѓе, вклучително и новинари од странски новинарски организации, се приведени во Москва, откако властите презедоа мерки против демонстрантите кај изборниот штаб на рускиот претседател Владимир Путин, објавија независните медиуми во саботата.

Протестот беше организиран од сопругите на мобилизираните мажи во услови на растечко движење на жени кои бараат нивните сопрузи и синови да се вратат дома од борбите во Украина.

Видеото покажува како руските власти приведуваат неколку лица облечени во елеци „Прес“ во близина на Црвениот плоштад.

Собирот „500 дена мобилизација“ донесе жени до ѕидовите на Кремљ пред да се преселат кај блискиот изборен штаб на Путин, беше објавено. Независниот руски медиум SOTAvision објави на нивниот канал на Телеграм дека новинар видел дека безбедносните сили „грабнуваат случајни луѓе од толпата и само мажи“.

Најмалку 27 лица, од кои само еден демонстрант, беа однесени со полициско комбе до станицата Китај-Город каде што моментално се задржани, според „ОВД-инфо“, група која ја следи руската репресија. „ОВД-инфо“ соопшти дека испратиле адвокат да ги посети приведените, но им бил забранет пристап.

Независната руска медиумска група „Медијазона“ во саботата објави дека меѓу уапсените има новинари кои работат за „Комерсант“, Франс прес и „Шпигел“, како и активисти за човекови права.

Други седум новинари кои известуваа од собирот беа одведени во полициската станица во Басмани, соопшти „ОВД-инфо“. Меѓу нив е и претставникот на јапонската телевизиска куќа „Фуџи“ Андреј Заико, јавуваат оттаму.

Еден вработен во државните медиуми оттогаш е ослободен од Китај-Город заедно со тројца малолетници, според ОВД-инфо на Телеграм. Тие рекоа: „Полицајците им рекоа дека планираат наскоро да ги ослободат останатите вработени во федералните и странските медиуми, но да ги остават претставниците на медиумите на ‘странските агенти’ во полициската станица. На сите уапсени им биле одземени и телефоните“.

Рускиот закон за странски агенти беше проширен кон крајот на 2022 година за да вклучи поединци или групи кои „добиле поддршка и (или) се под странско влијание“, критикуван како потег на Кремљ да ги замолчи оние кои ја критикуваат неговата војна против Украина, вклучително и новинарите.