Десетици илјади Шпанци протестираа поради станбената криза
Десетици илјади луѓе излегоа на улиците во Мадрид и во други шпански градови барајќи мерки за справување со сè подлабоката станбена криза, откако опозицијата во парламентот ги отфрли владините законски решенија.
Демонстрантите во саботата носеа пароли со кои повикуваа на генерален штрајк, откако мерките подготвени поради незадоволството од иселувањето на 87-годишна жена во Мадрид и други станбени прашања беа отфрлени во парламентот во петокот. Според властите, на протестот имало 70.000 луѓе, додека организаторите соопштија дека бројката достигнува 500.000 демонстранти.
Шпанскиот премиер Педро Санчес можно е да распише предвремени избори за ноември по отфрлањето на законите, објавија шпанските медиуми во петокот, со напомена дека тој внимателно ќе ја следи масовноста на саботните собири пред да донесе одлука.
Демонстрациите станаа главна тема во земјата, давајќи му нов поттик на кабинетот на Санчес и тргајќи го фокусот од последните случувања во Сеута.
Собирите во саботата поминаа мирно во педесетина шпански градови. Единствено во југоисточниот град Валенсија дојде до судири меѓу дел од демонстрантите и полицијата, која употреби солзавец и гумени куршуми за да го прекине собирот. Околу 30 лица успеаја да влезат во зградата на Градот на уметностите и науките, познат културен објект во Валенсија, пред полициските сили да ги изнесат надвор.
Библиотекарот Маркос Саинс (26) од Мадрид за „Франс прес“ изјави дека претходно делел двособен стан со пријатели за 900 евра месечно, но денес еднособен стан чини и до 1.000 евра, што претставува половина од просечната месечна плата во главниот град. Тој рече дека ќе протестира сè додека некој не се осмели да воведе регулација, бидејќи во спротивно граѓаните ќе мора да се иселат од Мадрид. Монтерот на соларни панели Хавиер (31) додаде дека бараат основно право на достоинствен дом, стабилност и услови за пристоен живот, наведувајќи дека троши половина од својата плата за мала соба.
Валерија Раку, една од портпаролките на Синдикатот на станари што го организираше протестот, во соопштение наведе дека на улиците се чувствува нова енергија каква што одамна немало и оти осум дена граѓанска моќ можат да постигнат повеќе отколку осум години прогресивна влада. Таа додаде дека сега започнува вистинската политика, која отсекогаш им припаѓала на граѓаните и конечно се враќа на улиците.