Десетици илјади протестираа во Германија против скапотијата


Неколку десетици илјади граѓани се собраа денеска на протести во шест градови во Германија, барајќи од германската влада да го зголеми учеството во финансирањето на сметките на граѓаните за енергија и други трошоци, како и побрзо напуштање на употребата на фосилни горива.

Протести се одржаа во Берлин, Дизелдорф, Хановер, Штутгарт, Дрезден и Франкфурт, а учесниците носеа транспаренти со барања да се намали инфлацијата, да се затворат нуклеарните централи и да се зголемат државните субвенции за плаќање на сметките за енергија за граѓаните со минимални примања, објави Ројтерс.

Тие носеа транспаренти за намалување на инфлацијата, повисоки субвенции за сиромашните поради поскапувањето на енергенсите.

Учествувале околу 24.000 луѓе, објави Гринпис, еден од организаторите. Полицијата соопшти дека околу 1.800 демонстранти се собрале во Берлин.

„Сакаме да покажеме дека итно ни е потребно социјално избалансирано финансиско олеснување за граѓаните. Владата прави многу, но ги распределува средствата набрзина. На луѓето со пониски примања им треба поголема поддршка од богатите“, рече Андреа Кочис, заменик претседател на синдикатот.

Германскиот парламент вчера го одобри владиниот пакет помош во вредност од 200 милијарди евра, чија цел е заштита на компаниите и домаќинствата во енергетската криза. Во пакетот е вклучен и еднократен надоместок за една месечна сметка за гас за домаќинствата, малите и средни претпријатија, како и механизам за ограничување на цените до март.

Со пакетот ќе се финансираат горните цени на струјата за домаќинствата и индустријата ретроактивно од март, а од декември за идните цени, со дополнително финансирање од добивката на електроенергетските компании.

Инфлацијата во Германија во септември достигна највисоко ниво во повеќе од четвртина век – 10,9 отсто.

„Би било подобро да се дистрибуира на поправеден начин. Има милионери кои велат дека сакаат да плаќаат повисоки даноци. Не гледам ништо да се случува на тој фронт“, рече Улрих Франц, демонстрант во Берлин.